Don't Miss
Home / Политика / Пратеничките клупи остануваат празни!?

Пратеничките клупи остануваат празни!?

Денеска, на 8 октомври, истекува рокот што спикерот на Парламентот, Трајко Велјановски, им го даде на пратениците на опозицијата да се вратат во пратеничките клупи.

По истекот на денешниот ден, на кој ќе биде доставен Извештајот на Ев-ропската комисија за напредокот на Република Македонија на патот кон Брисел, спикерот Велјановски ќе одлучи дали ќе ги верификува оставките на пратениците на опозицијата, или ќе им го продолжи мандатот до некој друг термин.

Иако по ултиматумот на Велјановски се очекуваше многу работи околу статусот на пратениците на опозицијата да се разјаснат, сепак, барем до затворањето на овој број немаше никаква најава дека ќе дојде до компромис меѓу власта и опозицијата, а од (не)очекуваниот политички дијалог нема ништо.

Напротив, во изминатите денови, не само лидерот на СДСМ, Зоран Заев, туку и опозициските пратеници, во неколку наврати ја искажаа својата подготвеност да истраат до крај и да не се враќаат во Парламентот.

Отогаш тие иако не одат на седници, сепак добиваат редовно плата од Собранието на Република Македонија. Додека на почетокот некои пратеници не се воздржуваа јавно да излегуваат во јавноста и да кажуваат дека платата што ја добиваат од Собранието ја донираат за “хуманитарни“ работи, сепак подоцна завладеа вистински молк и никој пратеник не кажува за што ја користи собраниската плата, која редовно ја добива, иако не оди на седници.

Во меѓувреме додека трае бојкотот на опозицијата на Парламентот, најголемата опозициска партија СДСМ, формира влада во сенка, која засега никој не знае што работи и колку работи.

Засега нема ништо и од 5.000 тимови кои требаше да крстосуваат низ Македонија.

За тоа време ВМРО -ДПМНЕ ја активира својата партиска база, на терен се растрчаа министрите, пратениците, градоначалниците и се подготвува како да има нови предвремени парламентарни избори.

Текстот е објавен во најновото  печатено  издание на “Битолски весник“

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*