И покрај оптимизмот на македонските власти сепак годинава нема да се одржи првата меѓувладина конференција со ЕУ за почеток на преговорите за влез во ЕУ.
Деновиве Македонија уште еднаш е спречена на својот европски пат.
Македонија (не)очекувано доби вето од Бугарија за почеток на преговорите, кое останатите земји членки на ЕУ и земјата претседавач Германија беспоговорно и речиси молчешкум го почитуваа и процесот на стартот на преговорите го одложија за некое догледно време, кога со ЕУ ќе претседава Португалија.
Македонија и покрај тоа што го исполни до неодамна единственото барање на земјите членки на ЕУ за смена на уставното име и надминување на спорот со Грција и по неколкуте позитивни извештаи и препораки сепак ниту за време на претседателствувањето на Хрватска, ниту за време на мандатот на Германија не успеа да ги почне преговорите за влез во ЕУ.
Ветото на Бугарија и одлуката на останатите земји членки на ЕУ за одложување на почетокот на преговорите за идната година, не само на обичните граѓани, туку и на (нај)големиот оптимист, премиерот Зоран Заев, тешко им падна.
Но тоа што покрај ветото за почеток на преговорите, уште потешко им паѓа на граѓаните на оваа држава се обвинувањата кои постојано пристигнуваат од нашиот источен сосед дека Македонија сеуште не е подготвена да ги почне преговорите за влез во ЕУ, бидејки не била излезена од времето на комунизмот на Тито, и дека има комунистичка коминтерновска историја, дека ја фалсификува не само својата, туку и историјата на Бугарија, дека им ги краде историските личности и лидери, Гоце Делчев, Даме Груев, Тодор Александров, дека е заглавена во минатото, дека ние сме биле еден народ во две држави …
Во оваа прилика јас немам намера да ги коментирам изјавите ни на Захариева, Каракачанов, Борисов, ниту пак на Заев, Димитров, Османи…
Ним им оставам тие самите да си одговорат на прашањата кои самите или јавноста им ги поставува.
Но тоа што посебно ме боли и иритира е што токму во овој момент, кога македонските власти се борат на Бугарија и земјите члени на ЕУ да им докажат дека Македонија нема никогаш и ни по која цена да се откаже од својот јазик и идентитет, стигна информацијата од Софија дека за изминатите десет години, околу 80.000 Македонци добиле бугарско државјанство и бугрски пасоши и дека покрај обичните наши сограѓани бугарски пасоши имале добиено и видни наши политичари, кои се изјасниле дека се Бугари и дека имаат бугарски корени.
Околу 80 илјади Македонци се изјасниле дека имаат бугарски корени и се чусвтвувале дека се Бугари.
Како Бугари, со “бугарски корења” и “бугарски чувства” се изјасниле и голем број македонски политичари, кои биле на чело на оваа држава по нејзината независност.
Ако до некаде можам да ги разберам обичните смртници кои за да дојдат до пасош се изјасниле како Бугари и како такви тргнале по светот да ја бараат својата среќа, или за поевтино студирање, купување половни автомобили, отворање бизнис, полесна трговија, никако не можам да ги разберам оние македонски политичари, кои биле на виско државни функции и ги имале решно сите свои егзистенцијални проблеми, се изјасниле дека се Бугари и дека имале бугарски чувства и бугарски корени.
И сега токму тие политичари ги гледам леат крокодилски солзи за судбината на Македонија и ја обвинуваат својата “мајка” Бугарија дека не смо што ни ја краде историјата, туку ни ја уништува и иднината.
Токму на овој простор, пред повеќе од 10 -тина години, по една посета во Бугарија, кога видов како Бугарија ги привлекува младите Македонци бесплатно да студираат во Бугарија и како едноставно ги бугаризира, напишав колумна под наслов “Благонадежни Бугари и инстант Македонци”.
Тогаш напишав дека Бугарија на отворена сцена врши класична бугаризација на македонскиот народ.
Но наместо тогаш да си го стават прстот на умот за тоа што ни се случува, некои ме обвинија дека непотребно внесувам страв и паника, зошто на сите им е јасно дека Македонците земаат бугарски државјанства и пасоши само за да ги решат своите егзистенцијални проблеми и да се спасат од сиромаштјата во Македонија, но дека тие секогаш ќе останат Македонци, многу поголеми од тие кои моментно живеат во Македонија.
Сега кога Бугарија ни стави вето на нашиот пат кон Брисел и ни ја препрочитува историјата и тврди дека Гоце Делчев бил Бугарин, затоа што така се изјаснил, не знам како ние ќе им докажеме на Бугарија дека тие 80 илјади Македонци, кои за изминатите 10 години зеле бугарски државјанства се Македонци и дека имаат македонски чувства.
Како сега Македонија може да и објасни на Бугарија дека тие се Македонци, кои се родени во Македонија, кои си ја сакаат државата, но кои притиснати од личните најчесто егзисетнцијални проблеми, се декларирале дека се Бугари.
Како Македонија ќе и докаже на Бугарија дека тие 80.000 Бугари се Македонци.Како тие сега ќе го докажат својот македонски идентитет.
На кои ќе им ги објаснат тие сега своите македонски чувства, или корени и дека во таквата авантура влегле (не)свесно, без да размислуваат за последиците.
Ако на Гоце Делчев поради времето во кое живеел и кога Македонија немала држава се изјаснил како Бугарин, може некако да му се прости, но сега, кога Македонија е слободна, независна суверена држава,да се изјаснуваш и тоа на нотар, дека имаш бугарски корени и бугарски чувства, навистина е најблаго речено лесноумен и непрмислен потег.
Но тоа што загрижува е што ниту една македонска влада за сите овие години од македонската независност не резгираше на таквата воспоставена пракса на Бугарија да ги приндува тие кои бараа(т) бугарски пасоши на нотар да се изјаснуваат дека се Бугари и дека имаат бугарски корени и чувства.
Иако сите знаеа дека на тој начин се врши класична бугаризација на Македонските граѓани, за жал ниту една власт од независноста, не само што не реагираше да се спрчи тоа, туку голем број македонски политичари земаа бугарски пасоши.
Со таквата плиткоумна политика самите се доведоваме во непријатна ситуација во Македонија најголемиот број млади луѓе со намера да ја напуштат државата да се изјаснуваат како Бугари.
За разлика од македонските власти кои се “стрпливи” и со децении (не)успешно преговараат за влез во ЕУ, македонските граѓани се нестрпливи и преку ноќ стануваат Бугари и ја напуштаат Македонија да аргатуваат по европските земји.
Проблемот со добивање на бугарски државјанства и пасоши под условите кои ги поставува Бугарија треба и те како да ги загрижат македонските државни власти, зашто доколку состојбите вака и во иднина се одвиваат, тогаш во наредниот период уште повеќе ќе се зголемува бројот на Македонци кои ќе стануваат Бугари.
Таквата прилика Бугарија увереун сум дека нема да ја пропушти и ќе игра на таа карта, со поставување на вето за Македонија на патот за Брисел да го одложува интегрирањето на Македонија во ЕУ, а за тој период буквално да ја бугаризира Македонија.
Затоа македонските политичари мора да сфатат дека ва е сериозне проблем и дека неговото решавање не е партиско, туку државно прашање од највисок приоритет.
Во спротивно нема да помине многу време кога покрај народот ќе ја изгубиме и државата.