Don't Miss
Home / Колумни / Година за (не)заборав

Година за (не)заборав

                                 

  До крајот на оваа, 2020 и почетокот на идната, 2021 година, останува само уште еден ден.

        За 24 часа ќе ја испишиме последната страница од оваа, по многу нешта исклучително тешка и трагична година, која не само нам, туку и на целокупното  човештво на земјината топка му донесе многу страдања, маки, премрежја и несреќа, како и  милиони изгубени човечки животи.

        На само еден ден пред испраќањето на Старата 2020  и дочекот на Новата 2021 година видливо е  ја нема вообичаената (пред)новогодишна атмосфера.

Деновиве со најголемиот број наши соговорници со кои разговаравме речиси сите до еден, па дури и тие кои не ги почувствуваа последиците од пандемијата, ни рекоа дека Новата година ќе ја дочекаат дома и оваа година едвај чекаат да ја испратат и да  ја заборават, дури ако можи да ја избришат од меморијата.

        Но колку и да се трудат во тоа, сепак сите ние   2020 година  уште  долго ќе ја паметиме, по голем број изгубени човечки животи, трауми,  карантини, изолации, полициски часови, затворени граници,  затворени дукани, изгубени бизниси, работни места…

        Тоа се главните карактеристики по кои ќе остане запаметена  2020 година.

        По многу нешта таа беше година, кога во одредени моменти, кога умираа по десетици и стотици наши сограѓани дневно и кога човечкиот живот буквално беше обична статистичка бројка, имаше моменти кога  живите им завидуваа на мртвите.

        Тоа беше година, кога илјадници  наши (со)граѓани   ги  изгубија своите најблиски. Покрај смртта на најблиските најтрагично од се беше тоа што сите кои ги изгубија своите најблиски од Ковид 19, поради строгите протоколи не можеа како што е вообичаено ни да се простат од нив  и со вообичаените црковни  служби  да ги испратат на оној свет.

        Голем број од нас  во оваа година  изгубија по некој близок, роднина. сограѓанин, пријател, другар, комшија.

        Затворени во својот страв и секојдневна грижа да не се инфицираме од коронавирусот  некогаш дури отпосле, по неколку денови дознававме кој ја изгубил битката со пандемијата и починал.

        Многумина  не се изборија  со пандемијата  и без поздрав си заминаа оној свет.

        И покрај сите напори на здравствените и медицинските работници, кои буквално не излегуваа од Инфективните клиники, сепак илајдници инфицирани од Ковид 19 не успеја да се излекуваат.

        На еден ден пред испраќањето на Старата и дочекот на Новата година, пандемијата како да се смирува, а во некои земји  почна и масовното вакцинирање против  пандемијата.

        Според  податоците на Институтот за јавно здравје  кај нас,а  и во другите земји од соседството  се регистрира тренд на намалување на случаите со Ковид-19.

Последните денови не само што се намалува бројот на позитивни случаи, туку  за околу 18 отсто се намали(л) и бројот на  починати од вирусот.

        Но  и покрај таквите бројки, поради непредвидливоста на пандемијата  нема простор за никакво опуштање, како за граѓаните и за здравствените работници, така и за сите нас.

        Напротив сега треба и те како да се зголеми присебноста и (само)дисциплината.

Тоа е еден познат битолски  здравствен работник и голем љубител на планината и алпинизмот  деновиве мошне поучно го објаснува со животната судбина на најдобриот  битолски и македонски алпинист, првиот македонски освојувач на Монт Еверест,  Димитар Илиевски- Мурато.

-Димитар Илиевски – Мурато  не загина на качување на Монт Еверест,  туку при симнувањето од “Покривот на светот “ . Кога Диме, заедно со Стипе Божиќ и Виктор Грошељ, се искачуваше на Монт Ееверест, тој беше крајно сконцентриран и како секој искусен алпинист  добро го мереше секој негов чекор.

Но тогаш кога се искачи на врвот и кога го оствари својот животен сон, се опушти, му  се препушти на задоволството што се искачил на врвот, кој од мали нозе го сонувал, му  падна концентрацијата и на слегување  се изгуби по Хималајските беспаќа.

Затоа сега, кога бројките од коронавирусот паѓаат и кога вирусот стивнува и полека ја губи својата вируленција, нема простор за никакво опуштање. Напротив сега треба  да бидеме посовесни и повнимателни  од било кога и до крај да ги почитуваме мерките и препораките на здравствените работници.

Не треба сега, јас, претседателот на Комисијата Жарко Караџовски,  или министерот Венко Филипче да кажуваме дека за Новата година и претстојните  празници, Божик,  Бадник или Водици не треба да се групираме и  сите празници да ги прославиме во своите домови,со своите најблиски, вели лекарот од Битола( М.А)

Тоа не треба да го прават ни премиерот Зоран Заев, или пак министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој најавува строги контроли и преземање на остри мерки и санкции против прекршителите на препораките и владините одлуки.

Тоа треба да го прават самите граѓани.

        Со оглед на тоа што пандемијата сеуште е присутна и се заканува да однесе уште многу човечки животи, оваа 2020 година и Новата 2021 година најголемиот број од нас  треба ќе ја дочекаат и испратат во своите домови, со своите најмили.

        Поради препораките на Министерството за здравство и владините мерки оваа година ќе изостане празнувањето на градските плоштади, рестораните, кафулињата, дискотеките.

        Забранети се собирањата и групирањата и во домовите и излетничките места.

        Здравствените стручњаци предупредуваат дека пандемијата можеме да ја совладаме само со почитување на мерките, одржување дистанца, носење заштитни маски и одржување на хигиена, “ терапија “ која ја “препишуваат” сите здравствени работници било каде во светот.

        Сеуште нема простор за никакво опуштање, бидејќи пандемијата е тука околу нас и што е опасно се шири мошне брзо.

        Овој пат новогодишната радост треба да се сподели само со најблиските  од семејствата.

        Секој од нас треба да биде одговорен, како за себеси, така и за другите.  Со почитувањето на мерките и препораките покрај што се штитиме себеси, ги штитиме и своите најблиски, а штитејки ги нив ги штитиме и другите наши другари, пријатели, соседи, сограгани…

        Време за прослави и групни радости и собирања  овој пат не треба да има. Тоа да го оставиме  за тогаш кога ќе биде објавен крајот на пандемијата.

        Крајот се наѕира. Светот е на добар пат да ја победи пандемијата. Се гледа излезот од тунелот, во кој  бевме и сеуште сме речиси една година. Полека во сте земји од светот стигнува и вакцината против коронавирусот.

        Ако издржавме  речиси една година, можеме да издржиме уште  малку, дали тоа ќе биде еден ден, месец, или неколку месеци, во овој момент е сеедно.

Да не дозволиме на крајот да се вратиме на почетокот, кога пандемијата во целост ни го смени животот и не раздели од своите најблиски.

        Таков луксуз  сега на никој не ни треба, па дури и на тие кои не веруваат во вирусот или ја прележале пандемијата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*