Don't Miss
Home / Вести / Реката Драгор претворена во депонија

Реката Драгор претворена во депонија

Во врска со состојбите во кои се наоѓа(ше) реката Драгор еве што напиша Битолски весник и Нова Македонија во јули 2018 година.

Во деновите кога во Битола на разни нивоа и конференции на еколошките здруженија и организации постојано се дебатира за зачувување и заштита на животната средина само на неколку стотини метри над Битола, на излезот од патот за Охрид, реката Драгор е претворена во депонија од шут и неупотребливи отпадни градежни материјали.

На самиот излез од Битола, кај местото викано Довлеџик од левата страна на реката Драгор, некои несовесни граѓани, за да можат што поголеми количества шут и отпаден материјал да „складираат“ го имаат проширено коритото на реката. На самиот брег на Драгор, во горниот дел е изградено стовариште за градежни материјали, каде што се складираат секакви материјали за градба. Од тој дел надолу, по целата должина на реката, до самиот пат, се нафрлани огромни количества шут и отпад од градежни материјали и земја, со што во голема мера е намален протокот на водите по реката.

Тоа што особено загрижува е што за ваквата појава воопшто не реагираат ни надлежните комунални служби и инспекции од локалната самоуправа на Битола. Драгор не може да се пофали дека е река по чие течение има многу вода, сепак оваа река таква каква што е беше и останува да биде симбол на градот. Но, за жал, и претходната, а и актуелната власт многу малку направија да се исчисти и регулира течението на реката.

За да се врати животот во Драгор неодамна група ентузијасти заградија еден дел во реката, наспроти општинската зграда, каде што донесоа да живеат десетина пајки. И покрај грижата тие да останат да живеат во нивниот аквапарк, сепак ни пајките не издржа и веќе извесно време ги нема во Драгор. Во минатиот период во Битола локалната самоуправа во неколку наврати организира акции за чистење на реката Драгор. За таквите „проекти“ беа платен многу пари, но чистењето и уредувањето на коритото во Драгор по правило траеја додека не се исклучеа камерите. Кога новинарите ќе си заминеа од местото на настанот сѐ остануваше исто и по старо.

Во последно време локалната самоуправа на Битола, особено јавното претпријатие „Комуналец“ презема низа активности за чиста и зелена Битола. Но, се чини, Драгор како да го забораваат сите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*