Еден од сопствениците на пропаднатата Еуростандард банка, Трифун Костовски, по денешното соопштение на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за поведувањето истрага против четири одговорни лица за перење пари и предизвикување стечај, побара тие да бидат идентификувани со име и презиме.
Костовски уште еднаш повтори дека во истрагата мора да бидат вклучени и лица надвор од банката.
На својот фејсбук-профил Костовски напоша: „Лицата против кои ќе биде поведена истражната постапка не се обзнанети, а по мене би било ред да бидат идентификувани со име и презиме. По шестмесечен молк Јавното обвинителство излегува во јавноста со наредба за истрага во самата Еуростандард Банка. Моите сознанија говорат дека ова е изнуден чин на ЈО да се појави во јавноста после толку многубројни мои апели. Повторувам, во целата истрага мора да се вклучат и лица надвор од банката“, напиша Костовски и повеќе детали „за игрите околу Еуростандард банка“ најави во неговата утрешна колумна.