Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со Адела Моника Аксинте, новата амбасадорка на Романија, во Република Северна Македонија.
На состанокот е изразена целосна поддршка од Романија за европските перспективи на нашата држава. Оценето е дека е тоа стратешки интерес на целиот регион и на Европа. Во таа насока е пренесена силна порака на охрабрување, нашата земја да продолжи на патот на реформите коишто се во насока на доброто на граѓаните, како и на патот на остварувањето на стратешките цели. Констатирано е, исто така, дека членството на Република Северна Македонија во НАТО е придонес во безбедноста на целиот Балкан, а поздравени се и политиките на развивање на мултиетничноста и мултикултурата во земјата, како добар пример во пошироки рамки.
Претседателот на Владата Заев се заблагодари за пријателството и поддршката од Романија и упати поздрави до владино-државниот врв во Романија, како и покана за посета на нашата држава, кога ќе има услови за тоа. Премиерот Заев изрази посебна благодарност што во Романија, 8 декември, денот на Св. Климент Охридски е прогласен за Ден на македонскиот јазик.
„Работиме на европски начин, преку политики на дијалог и се заложуваме за европски вредности. Минатото го поставивме како гаранција за иднината на граѓаните и државата и во таа насока продолжуваме. Сега сме фокусирани на заштитата и помош на граѓаните и субјектите засегнати од пандемијата на здравствено-економски план. Економијата е стабилна и нашата цел е, заедно со перспективите кон ЕУ, да отвораме економски перспективи за граѓаните и стопанството“, рече премиерот Заев.
На средбата е изразена заедничка определба за натамошно унапредување на билатералната соработка помеѓу Северна Македонија и Романија во областа на економијата и трговијата и преку поврзување на стопанските комори на државите. Се гледаат можности и за продлабочување на соработката и во областа на енергетиката, транспортот, туризмот, културата, образованието.