Собранието да гласа за доверба на Владата, побара попладнево премиерот Зоран Заев од собраниската говорница, нарушувајќи го сценариото за новата пленарна седница уште пред утврдувањето на дневниот ред.
„Ова е моментот кога треба да видиме колку може да ѝ се верува на опозицијата која постојано тврди дека ќе ја урне Владата и ќе формира нови мнозинство. Со лажни вести и блокади се создава политичка несигурност. Нема да го дозволам тоа“,рече Заев.
Според член 217 од собранискиот Деловник, Собранието гласа за доверба на Владата по истекот на третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба. Во случај кога прашањето за доверба го поставува претседателот на Владата, усно на седница на Собранието, пратениците гласаат на истата седница, без расправа. Претседателот на Владата и пред гласањето, како што е наведено во овој член од Деловникот, има право да му се обрати на Собранието.