Don't Miss
Home / Вести / Александар Чомовски добитник на наградата за животно дело

Александар Чомовски добитник на наградата за животно дело

По повод 75-годишнината од формирањето на Здружението на новинарите на Македонија, денеска беа доделени годишните новинарски награди на ЗНМ.

Наградата „Крсте Петков Мисирков“ за животно дело е доделена на новинарот Александар Чомовски долгогодишен, реномиран новинар кој моментално е дел од Утрински Брифинг. Тој со својата професионална работа во изминатите пет децении се вбројува како дел од врвните новинарски и уреднички имиња во македонските медиуми, со промоција на демократските вредности и негување и почит на новинарските стандарди, го одбележа медиумскиот простор на свој оригинален творечки начин.

Наградата  „Јашар Еребара“ за годишно истражувачко новинарство ја поделија новинарите Христина Ѓорѓиевска за сторијата „Заробените бели дробови на градот“ објавена на дигиталната платформа „Види Вака“ и Јасмина Јакимова, Бојан Шашевски, Емилија Петреска како и Даниел Евросимоски за сторијата во две продолженија „По трагите на Лиса и Филипче, балканските рисови кои обединија три држави” и Недопирливите убијци на балканскиот рис”,  објавена на радио „Радио Моф“.

Истражувачките стории на темите што ги одбрале новинарите се од исклучително значење во нашата земја и нивната цел е да ја разбудат еколошката свест и за здрава животна средина кај надлежните институции како и кај секој граѓанин на нашата држава.

Новинарот од Куманово Решат Ибраими од „News TV“ со својата видео сторија „Жалосна судбина на невестата од Албанија“ и колешката Александра Максимовска од МИА, дописник исто така од Куманово со својата тема “Правно невидливите лица од Куманово“ ја поделија годишната награда за известување на теми од локално и регионално значење за 2020 година.

Наградените стории сеопфатно ги опишуваат и се обидуваат  да ги доближат до граѓаните проблемите со кој се соочуваат граѓаните во руралните и помалку развиени места во нашата земја.

На јавниот конкурс оваа година во предвидениот рок, вкупно беа поднесени 20 апликации за награди за сите три категории, а членови на Комисијата за избор на наградите беа новинарите Мира Костиќ како претседател и како членови Сашко Димевски и Аднан Ајдари. Здружението на новинарите на Македонија и оваа година искажува голема благодарност до сите заинтересирани новинари како и до Стопанската комора на Северна Македонија која помогна да се обезбедат средствата за овогодинешниот фонд за награди.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*