Во рамките на серијалот интервјуа за проектот “ Од студените на УКЛО за Блаже Конески” деновиве гостин на Педагошкиот факултет беше новинарот главен и одговорен уредник на Битолски весник, Менде Младеновски, реномиран новинар и директор на Битолски весник, кој за време на својата долгогодишна плодна кариера напишал илјадници статии и овозможил непречено функционирање на весникот во текот на повеке децении.
Во текот на овој разговорот студентите имаа можност да дознаат нешто повеќе за реформаторот на македонскиот јазик – Блаже Конески.
-Предавањата на професорот Конески беа толку интересни што никој не сакаше да завршат”.
Вака Младеновски го започна својот наратив за почитуваниот професор Блаже Конески.
Зборувајќи од аспект на негов поранешен студент, Младеновски го опиша Конески со епитетите „скромен”, „великодушен” и „разумен”.
Младеновски посебно го истакна фактот дека во периодот кога тој бил студент на Филолошкиот факултет во Скопје, претставувало огромна чест и задоволство да се студира на факултет каде покрај Конески, предавале и други реномирани професори, како Крум Тошев, Харалампие Пленаковиќ, Видоевски, Старделов, Гане Тодоровски, Рада Угриновска и др., кои исто така имаат огромна заслуга за афирмирањето на македонскиот јазик.
Со сите овие професори студентите во текот на своите студии граделе посебен однос. Но односот со нивниот професор Конески им останал длабоко врежан во секавањето бидејќи наликувал на однос што еден татко го има кон своите деца.
Младеновски на Блаже Конески се секава не само како на педагог, кој бил близок со своите студенти, туку и како на пријател, спремен секогаш да помогне кога за тоа има потреба. Меѓутоа, најважно од сѐ, според Младеновски е тоа што професорот Конески успешно им ја всадил на своите студенти љубовта за македонскиот јазик и правописот.
Знаењето кое Младеновски го стекнал како студент на Конески нашло практична примена во неговите бројни статии во текот на целата негова над 40 годишна новинарска кариера. Во таа насока, Младеновски, открива дека многу често кога пишува се присетува на зборовите на Блаже Конески и се чувствува како тој да седи наспроти него, како да го набљудува и да го потсетува да го цени и негува македонскиот јазик.
На прашањето од страна на студентите за тоа дали во тоа време студентите биле свесни за големината на Конески, Младеновски искрено одговари дека ни тој, ни било кој од студентите во тој момент не претпоставувале дека толкава трага ќе остави работата на Конески во нашата национална историја и култура. Но како одминувале годините, вредноста што ја има наследството на Конески станувала сѐ појасна и поголема, а со тоа и зборови коишто Конески им ги кажувал на своите студенти полека на сигурно преминувале во водилка низ нивниот живот.
На крајот од разговорот со студентите, господинот Менде Младеновски испрати мокна порака до младите генерации, поттикнувајќи ги повторно и повторно да се навракаат на делата на Блаже Конески и константно да го негуваат и практикуваат нивниот мајчин јазик, бидејќи тие се иднината и нивна обврска е да го зачуваат и одржат во живот македонскиот јазик.
Подготвиле:
Ивана Петровска – студент во трета година на Англиски јазик и книжевност, ПФБТ
Христијан Тунески – студент во втора година на Македонски јазик и книжевност, ПФБТ