Модуларната болница во Битола, конечно е пуштена во употреба и денеска ги прими првите пациенти од Ковид 19.
Со нејзиното пуштање во употреба сега во Битола ќе има уште 90 нови кревети за лекување на болните од Ковид 19, со што Клиничката болница, која како ковид центар врши услуги за болните од Регионот ќе функционира со 170 кревети.
Инаку според последите податоци, вкупно во Битола се хоспитализирани 123 лица, од кои најголемиот број се на возраст од 25 до 50 години, и се со тешка клиничка слика и на кислородна поддршка..
-Се работи за пациенти од различни возрасни групи, но во овој нов бран имаме пацинети кои се млади од 25 до 50 години и тоа е воглавно најголемата бројка од нашите хоспитализирани пациенти кои се, за жал, многу тешки и во некои случаи нашите преземени терапевтски мерки не покажуваат клинички ефект, па во последните денови имаме и многу смртни исходи.
Имаме пациенти од 25, 28, 30 години, амбулатно ни доаѓаат и 16-годишни, старосната граница е многу спупштена кон помладата популација“, изјави за битолските медиуми, д-р Ели Димитровска, според која потрошувачката на кислород во Ковид центарот е зголемена до 1,6 тони, а се очекува да стигни до 2,5 тони.
Во овој момент наголем проблем во Клиничката болница е недостигот на лекарски и друг медицински кадар, кој сега засега се обезбедува со ротирање на медицинскиот персонал.