Од утре Грција ги отвора границите за македонските државјани. Веста ја соопшти премиерот Зоран Заев на неговиот твитер профил. ,, Имавме одлична работна средба со премиерот Мицотакис. Ме извести дека од утре се отвора граничниот премин Евзони за сите граѓани на Северна Македонија кои имаат негативен ПЦР тест, писмен доказ за примени 2 дози вакцина против КОВИД-19 или позитивен резултат за антитела,, напиша Заев. Од граничниот премин Богородица информираа дека тие се целосно подготвени и имаат доволно ресурси да одговорат на потребите на граѓаните.
,, Граничните проверки се подготвени, располагаме со доволен број на полициски службеници, материјално технички средства и се надевам дека ќе одговориме онака како што доликува на овој граничен премин како еден од најголемите гранични премини во државата.,, вели Јасмина Аврамска – командир на ГП Богородица.
Граничниот премин Евзони грчките власти го затворија во март минатата година, непосредно по прогласувањето на пандемијата со корона вирусот. Во изминатиот период од околу 14 месеци на овој премин непречено се одвиваше единствено товарниот сообраќај.