Добитник на наградата за новинарство “ Тоде Петревски “, која локалниот неделник, Битолски весник традиционално 17 години по ред посмртно ја доделува во чест на покојниот новинар на Радио Скопје и дописник од Битола, Тоде Петревски е новинарката Анета Блажевска,дипломиран новинар на факултет за Интердисциплинарни студии по новинарство на Универзитетот во Скопје.
Ваква одлука донесе денеска редакцискиот колегиум на Битолски весник.
Анета Блажевска речиси три децении се занимава со новинарството. Таа работела во повеќе национални медиуми, како новинар, уредник и водител.
Кариерата ја почна во Радио Канал 77, каде во македонскиот етер беше присутна 14 години, од кои речиси 5 години како уредник и водител на емисијата “Стадион”, 10 години беше новинар- дописник за дневниот весник „Утрински весник“
Анета Блажевска во својата новинарска кариера беше дописник и за весникот „Слободен печат” , како и за новинската агенција „Мета”.
Во моментов е ангажирана во интернет порталот „Независен.мк,. Та е еден од сопствениците на порталот „Апла.мк,. Го води порталот „Зелена берза”, воедно е и заменик уредник на специјализираниот весник за земјоделие и екологија „Зелена берза” кој овој месец слави 3 години постоење.
Анета Блажевска наградата ја доби за објавените репортажи во весникот „Зелена берза”, новинарски род, кој со посебна љубов и пиетет го негуваше покојниот новинар, Тоде Петревски.
Нејзиниот стил е препознатлив, едноставен, лесен и интересен, кој предизвикувајќи емоции никого не остава рамнодушен, зашто Блажевска знае да го спои истражувачкото и уметничкото, да укаже на проблемот и да предупреди на некоја опстештвена ситуација.
За Блажевска како што вели таа новинарството е нејзината прва и вечна љубов.
Наградата “Тоде Петревски “ на Анета Блажевска свечено ќе и биде врачена по сите здравствени протоколи, петок на 28 мај,во 12 часот, во амфитеатарот на Славјанскиот Универзитет “Р.Г. Державин “