На денешното положување цвеќе по повод празникот Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, премиерот Заев одговори на новинарски прашања кои ви ги пренесуваме во целост:
Премиерот Заев: „Без малку 12 века или 1150 години кога сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј ни ја донеле азбуката, ни го донеле тоа што претставува трајно едно наследство на целиот европски континент кое што останува врежано во меморијата и во севкупното богатство на словенските народи, драго ми е што денеска живее македонскиот јазик со македонската азбука заедно со сите словенски јазици и азбуки како дел од европското наследство надевајќи се дека нашиот македонски јазик ќе стане еден од официјалните службени јазици на ЕУ, го славиме 24 Мај затоа што дефинитивно ова претставува едно од најважните наследства кое што ни е оставено да го негуваме, да го унапредуваме и да го пренесуваме на следните генерации.“
Премиерот Заев: „Како човек којшто го негува пријателството, дијалогот и дипломатските разговори за изнаоѓање на решенија на градење пријателство очекувам помеѓу нашиот претседател Пендаровски и бугарскиот претседател Радев да се изнајде некој исчекор во поглед на надминување на овој проблем којшто дефинитивно ја кочи европската интеграција на целиот Западен Балкан но и нашите европски перспективи, 16 и пол години правиме од кога сме земја кандидат, 2001 година имаме договор за асоцијација и стабилизација веднаш после Словенија а пред Хрватска, навистина никој аспирант за ЕУ којшто сакал да го продолжи понатаму патот не чекал толку како денеска Северна Македонија, јас верувам дека Бугарија ќе биде и понатаму силен поддржувач и на Северна Македонија но и на патот на европските интеграции на Западен Балкан севкупно заради тоа што тоа го покажаа неколку пати до сега посебно 2018 година организирајќи го самитот за Западен Балкан на ЕУ токму во Софија под раководство на премиерот Борисов и Владата, верувам дека европскиот дух којшто претседателот Радев го негува, но и нашиот претседател ќе им биде доволен импетус помеѓу двајцата да направиме еден исчекор и да продолжиме понатаму во нашата европеизација а секако ние низ роуд мап ќе успееме да го забрзаме, ефектираме она што претставува спроведување на договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Северна Македонија и Бугарија.“
Премиерот Заев: „Немам детали за страната на Бугарија односно за Софија како го разгледува предметот но според мене мислам дека португалското претседателство, португалскиот министер Агуста Силва заедно со неговиот тим воделе грижа за двете страни за да бидат вклопени очекувањата, кај нас рековме дека тоа е добра база, појдовна основа за решение, ние го дискутираме сериозно и веќе се одржаа неколку состаноци и ќе продолжат секако во текот на оваа седмица да се одржуваат, исто така гледам дека и во бугарската страна имајќи ја во предвид резолуцијата освоена во нивниот парламент, ставовите на бугарската страна тие го имаат сето тоа што е важно соодветно и алоцирано, дали е во договор за асоцијација и стабилизација, дали е во роуд мап или патната карта којашто претставува обврска на двете страни во идното позабрзано реализирање на договорот за пријателство и добрососедство и соработка помеѓу Северна Македонија и Бугарија или без разлика дали се работи за прашања коишто ниту еден народ не ги разговарал така и ние тоа е нашиот македонски јазик и македонскиот идентитет се секако строго заштитени но истовремено ја има опфатено и бугарската страна тоа е реалноста за постоењето на македонскиот јазик и македонскиот идентитет и секако си имаат свое право како што тоа го регулираат согласно нивните документи или резолуции да остане прашање за коешто и понатаму може да се разговара заради тоа што во неколку наврати јас до сега реков а и многу други наши високи политички личности дека очекуваме час поскоро Бугарија да го признае и официјално македонскиот јазик и македонскиот идентитет така да имаме еден важен документ јас сум многу позитивно изненаден заради тоа што една земја членка којашто е буквално на другата јужна страна од европскиот континент, не е толку блиску до Балканот е толку детално упатена, навлезена, креативна, инвентивна за да се изнајде решение затоа рековме дека секојпат е можно да се изнајде решение ако има добра волја од двете страни.“