Последниот ден од годинешното јубилејно 40-то издание на Малиот битолски Монмартр помина во цртање на малите ликовни уметници од Битола во еко паркот.
Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска ги посети учесниците на завршниот настан, а заедно со организаторот на фестивалот, Елена Хаџи Антоновска, доделија благодарници до менторите на учениците од битолските градинки и училишта, како и мали подароци за учесниците.
-Оваа година се одбележуваат 40 години на Малиот битолски Монмартр, кој е голем по многу нешта и значаен за нас битолчани, но за жал годинава без чичко Коста. Ова што се случуваше во изминатите денови, од отворањето, изложбите, цртањето, само покажува дека боите, страстите, желбите и енергијата кај луѓето никогаш не можат да умрат. Нашиот град годинава, покрај тоа што даде целосна поддршка на 40-тото издание, останува отворен во следните години за сите понатамошни идеи кои што ги имаат граѓаните за зачувување на овој наш бренд и оваа манифестација, која што заедно сметаме дека е соодветна, бидејќи Битола е препознатлива по Малиот битолски монмартр“, истакна градоначалничката Петровска.
Годинава за прв пат е востановена нова награда вочест на идејниот творец и основач на Детското ликовно студио “ Кирил и Методиј “ Коста Хаџи Антоновски, која годинава отпатува во Португалија.
Дел од младите ликовни творци и подарија свои дела, создадени во Еко паркот, на градоначалничката Наташа Петровска.
s