Don't Miss
Home / Колумни / Нови брендови за стари политики

Нови брендови за стари политики

               

        Ребрендирањето на партиите кај нас  како да стана вообичаена работа  пред секои избори.

        Деновиве, на   денот на 19 роденден на Демократската унија за интеграција, претседателот на партијата, Али Ахмети соопшти дека зелената агенда станува дел од нивната партија на локалните избори.

Откако нагласи дека во изминатите 19 години ДУИ воспостави еднаквост преку целосна имплементација на Охридскиот мировен договор, легализација на високото образование на албански јазик, децентрализација, национални симболи и култура, албански јазик, правична и соодветна застапеност, интеграција во НАТО, добивањето зелено светло за членство во ЕУ на 19. роденден  на партијата, лидерот  на ДУИ, Али Ахмети истакна дека  оваа партија започнува нова политика, политика за еколошка правда и квалитетен живот. Зелената агенда станува дел од ДУИ, рече Ахмети, во импресивен амбиент  закитен со бројни зелени балони.

Без воопшто да зацрвенее од политиките кои во изминатите 19 години, дали со ВМРО ДПМНЕ, дали со СДСМ на сила ги водеше за остварување на правата на Албанците, лидерот на ДУИ, Али Ахмети најави дека во иднина ќе се бори и залага за здрава и чиста животна средина, за еколошка Македонија, во која здравјето на граѓаните ќе има приоритет.

Сега, откако ДУИ од Европска партија, во која доминираше сината боја се “ребрендира “ во Зелена партија”, во која знак на распознавање е зелената боја, се чини дека       преќутно Ахмети конечно призна дека сите барања на Албанците во Македонија  конечно се исполнети и признати и дека оваа “државотворна “ партија на Албанците во иднина  конечно ќе се сврти во изполнување на “зелените “политики.

Иако само неколку дена по “ренрендирањето “ на партијата би било премногу храбро и наивно да се тврди какви  ќе бидат тие “зелени “ политики, сепак се се плашам дека тие да не останат “ зелени “ како во минатото кога ДУИ од Шипковица влезе во Владата и се залагаше за остварување на “Европските” политики, со уцени, закани, притисоци, насилство, терористички акции… кои беа главно оружје во остварувањето на тие политики.

Не знам дали кога зборува за остварување на “зелените “ политики Ахмети мисли за реалзиација на таквите политики на цела територија, или на територијата  за која е надлежна ДУИ.

Иако би бил премногу среќен кога оваа партија на “зелените “ таквите политики би ги реализрала на целата територија, сепак нема да бидам воопшто разочаран кога истите би почнал да ги спроведува од Тетово, Гостивар, Арачиново, Дебар, Струга…

Имено во блиското минато, а и сега сме сведоци кога овие општини, со кои раководат кадри на ДУИ, буквално се гушат од нечист и загаден воздух, смет, губре, депонии, нечистотија.

Не треба човек да се враќа многу назад во минатото па да се потсети на какви се маки беа и се изложени жителите на Тетово, кои мораа(т) поради депониите кои (по)често беа во пламен да се гушат од нечистиот воздух кој го испушташе депонијата.

Ако не во иста, во слична ситуација беа и жителите од Струга, кои мораа со протести да се борат општината, или државата да направат напори да ги спасат од гасовите кои ги испушташе депонијата.

Жителите во Арачиново се посебна приказна, кои иако се наоѓаат на само неколку километри од Скопје,едноставно немаат доволно  вода за пиење и решена канализација.

Ваквите состојби сигурен сум му се добро познати  на Али Ахмети.

Ако не му се,  тоа можат да му го кажат неговите градоначалници, Теута Арифи,  Мерко…

        Иако во минатото во голема мера не се сложував со политиките на Али Ахмети, овој пат ја користам приликата јавно да ги  поддржам неговите  нови политики, во кои главниот акцент ќе му биде посветен на  екологијата,здравата животна средина и чистата околина.

        Очекувам  дека неговите нови “зелени “ политики ќе ги поддржат и сите коалициони партнери на ДУИ.

        Македонија е уморна од остварување на “сериозните “ политики за евроинтеграции, битката за човекови права, еднаквост, рамноправност, етничка и пропорционална застапеност, родова еднкавост…

        Граѓаните на Македонија  се желни за  “ сериозни зелени “ политики, од кои придобивките ќе ги користат сите, а не само одбраните поединци.

        Овој народ е буквално гладен за “зелени политики” од кои ако не може да се  живее тогаш барем ќе може да се надева дека ќе преживее.

        Но се се плашам дека и со новто ребрендирање на партијата, ДУИ ќе продолжи со  старите политики, за остварување на  наводно (не)остварените права на Албанците.

Доколку проблемите во државата се решаваа(т) само со “ребрендирање “ на партиите, како што тоа често кај нас го прават политичките партии, Македонија одамна ќе беше рај за живеење.

Но за жал искуството ни покажува дека тоа не е така.

Битката  за чиста и здрава животна средина е глобален процес, со кој тешко се справуваат и најбогатите земји.

Таа битка не се води само со голи пароли или добри желби, или класично “ребрендирање” на партијата.

За остварување на таквите “ зелени  политики “ потребни се многу сериозни знаења и вложувања.

  Тоа ниту можело ниту ќе може да се реализира само со едноставно смена на  бојата на партиските дресови и балоните.

За тоа ќе бидат потребни многу проекти, сериозни вложувања, смена на начинот на размислување и однесување.

Во спротивно “зелените политики “  ќе останат “зелени”, од кои сите ќе мораме да црвенееме, затоа што сме дозволиле по кој знае кој пат политичарите само со “ребрендирање” да не превеслааат жедни преку вода.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*