Денеска во Рудникот “ Суводол “ на свечен начин беше одбележан Денот на рударите.
Празникот на рударите им го честитаа заменик претседателот на Владата, задолжен за економски прашања координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, генералниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски и директорот на РЕК “Битола“ Златко Ќурчиевски.
Вицепремиерот Битиќи го честитајки им го празникот на сите вработени во рударско енергетските комбинати Битола и Осломеј, како и во сите други рудници во земјата, при што порача дека заложбите на Владата се рударството како гранка да продолжи да се развива во согласност со најдобрите достапни техники и технологии, како и со меѓународните договори кои ги имаме потпишано за исполнување на светските стандарди за грижата за животната средина, условите за работа, но и животниот стандард на рударите во нашата земја.
-Би сакал да упатам благодарност за рударите во РЕК “Битола“, во име на сите граѓани на Северна Македонија, за посветеноста и трудот кој секојдневно го вложуваат за да се обезбеди стабилно и постојано снабдување со електрична енергија. Не бадијала луѓето кога работат многу, велат, работам како рудар. Сите сме свесни дека и покрај модернизацијата и технолошкиот развој на рудниците, работата на рударите е навистина тешка и предизвикувачка“,изјави вицепремиерот Битиќи
Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, во своето обраќање посочи дека во изминатиот период се реализирани многу проекти, започнати се и реализирани повеќе инвестициски проекти, воведени се промени во работниот процес, а подобрени се и условите за работа.
-Нашата цел како компанија е во иднина повеќе да вложуваме, и во нови производни капацитети, но и во постоечките. Вложуваме и ќе вложуваме во обновливи извори на енергија, што е согласно со државната енергетска стратегија, но вложуваме и во модернизација на другите капацитетите, особено во РЕК Битола, но и во РЕК Осломеј, од причини што без енергија од термоелектрани е невозможно да се одржи стабилен и сигурен енергетски систем. Од друга страна европските директиви во енергетиката се такви што мора да се обезбедат високи еколошки стандарди при производството од јаглен и ние мораме да ги почитуваме тие стандарди’’, потенцира во своето обраќање директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски.
Генералниот директор на РЕК “Битола“, Златко Ќурчиевски нагласи дека за команијата сите вработени се драгоцени, независно дали работат во рудниците, термоелектраните или во службите.
,,Како што се менуваат околностите во работата на рударите, така се менуваат и околностите во кои постои и работи РЕК Битола. Новите трендови носат нови предизвици. Пред нас се наоѓа период на трансформација на електроенергетскиот систем на земјата кој од една страна мора да остане стабилен, а од друга страна мора да биде и праведен. Никој не треба да чувствува страв дека дека ќе остане без егзистенција’’, посочи директорот на РЕК Ќурчиевски.
На настанот беа доделени и благодарници на вработени во РЕК Битола и РЕК Осломеј, кои покажале исклучителна посветеност, одговорност и квалитет при извршувањето на работните задачи.