Целосно модернизирање, просторно проширување и зголемување на животинскиот фонд на Зоолошката градина во Битола за 20% најави денеска кандидатот за градоначалник на СДСМ и коалиционите партнери Христо Кондовдски. Визијата – најдоброто за нашата Битола во себе го содржи и концептот најдоброто да го добие и една од најуникатните, но и најзапоставените институции во општината, Зоолошката градина, рече Кондoвски.
“Инфраструктурната модернизација ќе се однесува на нејзино генерално просторно проширување, обновување и проширување на животинските живеалишта. Со тоа значајно ќе ги подобриме условите на животните во градината. Преку сериозен пристап и поефикасно менаџирање, Золошката градина ќе прерасне во проактивна институција, ориентирана кон заштита на животната средина. Таа ќе биде место за едукација и забава, место кое ќе нуди одлична атмосфера за посетителите. Овој проект ќе се финансира и развива со средства од буџетот на општината, но и со помош на европските фондови. Нема да изостане и соработката со централната власт, како и со фондации и здруженија кои работат во оваа област. Предвиденото време на реализација за овој проект е 2 години”, најави Кондовски.
Во нашата држава егзистираат две зоолошки градини од кои едната се наоѓа токму тука, во нашата Битола и треба да направиме се, истата да ја одржиме и развиеме, рече Кондовски и додаде :
“ Зоолошката градина игра значајна улога во едукативниот, воспитниот, културниот и рекреативниот живот на децата, но и на сите возрасни групи во градот. Таа, исто така, има значајна улога и во привлекување на посетители во регионот кој гравитира околу Битола. Во таа смисла најавувам дека модернизацијата опфаќа и креирање на истражувачки центри, работилници и ветеринарна амбуланта”, рече Кондовски.