Социјалдемокатскиот сојуз на Македонија в недела, на 12 декември на вонредни внатрепартиски избори го избира својот нов претседател. Од битолската СДСМ денеска го повикаа членството да гласа за еден од тројцата кандидати.
„Овој врвен демократски чин на непосредно избирање на партискиот лидер останува карактеристика единствено на СДСМ и на ниту една друга политичка партија во земјава. Оттаму, голема е честа и задоволството и на членовите на Општинската организација на СДСМ во Битола да се вклучат во изборниот процес и да го дадат својот глас за најдобриот кандидат или кандидатка. Според жрепката, редоследот на кандидатите за претседател на гласачкото ливче е следен:
Под број 1 е Димитар Ковачевски, под број 2 е Фросина Ременски и под број 3 е Јован Деспотовски.
Членовите на СДСМ од Битола в недела имаат можност со заокружување на еден од кандидатите да одлучат кој ќе биде новиот претседател на партијата. Правото на глас може да го искористат сите членови на СДСМ кои го имаат ажурирано своето членство, односно кои имаат електронска картичка. Оваа картичка и документ за идентификација ќе треба да приложи секој член што в недела ќе излезе на гласање. Гласачките места ќе бидат отворени од 8 до 19 часот. Информација за местото каде ќе гласаат членовите на избирачките места во Битола, во текот на денот ќе биде објавена на официјалниот ФБ профил на СДСМ Битола.
СДСМ е единствената партија во земјата која има врвен демократски механизам преку којшто членовите на директни избори го избираа претседателот на партијата. Општинската организација на СДСМ Битола ги повикува сите свои членови да излезат масовно на изборите в недела, да го искористат правото на глас и да го изберат новиот претседател на СДСМ“ рече Биљана Поповска, портпарол на ОО СДСМ Битола.