Првите денови во Новата година, кога најголемиот број граѓани сеуште не беа “отрезнети “ од Новогодишниот мамурлок, од Софија стигнаа нови предлози како да се реши спорот меѓу Македонија и Бугарија за Македонија конечно да ги почне преговорите за ЕУ.
И додека македонските власти, по блокадите кои ги добивме за време на претседавањето на Португалија, Хрватска и Словенија, сеуште го истакнуваат својот оптимизам дека во наредните месеци, конечно ќе се најдел компромис со Бугарија околу откочувањето на преговорите, од Бугарија деновиве пристигнуваат (старо)нови барања за решавање на спорот.
Последниот предлог на лидерот “ Има таков народ “ на Слави Трифунов дури покрај до Македонија беше упатен и до бугарските партнери во НАТО, ЕУ и САД, од кои Трифунов побара САД, како голем пријател на Македонија, веднаш да ги укини визите за Бугарија, а од ЕУ Бугарија да влезе во шенген зоната.
“Кога толку многу сакате да ја поддржиме Северна Македонија за преговори за членство во ЕУ, постапете партнерски кон нас, како што сакате да ви бидеме партнери – без визи во САД и веднаш во шенген зоната“, изјави лидерот на “ Има таков народ “ Слави Трифунов.
Потпретседателот на бугарското Собрание на Бугарија и поранешен бугарски министер за надворешни работи Кристијан Вигенин, пак наводно загрижен за македонските евроинтеграции дури изјави дека членството на Северна Македонија во ЕУ е (нај)важно прашање за Бугарија, многу поважно отколку за Македонија.
-Мораме сериозно да го сфатиме ова прашање и да ги заштитиме нашите национални интереси. Оваа тема останува еден од најголемите предизвици за Бугарија и за Владата во сферата на надворешната и европската политика. Одржувањето широк политички договор и соработка меѓу институциите е клучно за успешна одбрана на бугарскиот интерес, оцени Вигенин.
Речиси истиот ден кога од Бугарија на Македонија, ЕУ и САД им беа испорачани најновите услови за откочување на преговорите за членство во ЕУ, од Франција, една од основачите на Европската унија, стигнаа други сигнали и правила за тоа како оваа земја ќе се однесува во периодот додека претседава со ЕУ.
На самиот почеток од своето претседавање со Европската Унија, Франција го отстрани знамето на ЕУ од пред Триумфалната капија, со образложение дека со неговото истакнување се загрозуваат францускиот идентитет и посебност. Претходно од Париз до земјите членки на ЕУ стигна предупредување дека Франција додека претседава со ЕУ цврсто и енергично ќе застане одбрана на францускиот јазик, нагласувајќи дека ако пристигне писмо од Европската комисија на англиски јазик, тоа ќе остане без одговор.
И додека ги анализираат условите кои ни ги испраќа Бугарија, а особено лидерот на партијата “ Има таков народ“, македонските власти сеуште, како и во изминатите години не знаат кој одговор да и го испратат на Софија за надминување на спорот, кој ќе го одобри македонскиот народ.
Не знам каков е тој народ кој го поддржува Трифунов во неговите ставови, но лидерот на партијата “ Има таов народ “ треба да знае дека во Македонија, и покрај сите остапки кои во изминатите 3 децении ги направија некои македонски политичари, сеуште има народ, на кој и те како му е до зачувувањето на својот национален македонски идентитет.
Во изминатите три децении од македонската независност Македонија направи бројни остапки да ги почне преговорите за членство во ЕУ.
Македонија најпрво го смени знамето, па од Република Македонија стана ФИРОМ, па подоцна за да го реши спорот со Грција го смени Уставот, па по потпишувањето на Преспанскиот договор се преименува во Северна Република Македонија…
Но и тоа изгледа не беше доволно за Брисел да и дозволи на Македонија почеток на преговорите за зачленување во ЕУ.
Иако заедно со Словенија, Македонија од страна на францускиот сенатор Роберт Бадинтер во 2011 година беше оценета како земја која е најблиску до ЕУ, многу понапред и од Хрватска, Црна Гора, Србија, и која веќе 15 години постојано добива позитивни препораки за почеток на преговорите, сепак засега таа и натаму никако да ги почне преговорите.
Откако по долги години се реши спорот со Грција кој беше единствен услов за зачленување во НАТО и почеток на преговорите, сега на патот за Брисел се испречи соседна Бугарија, која иако често пати не нарекува браќа, со ветотото кое го поставува не дозволува да почнат преговорите.
И додека сме сведоци како земјите членки на ЕУ, како Франција, Унгарија, Словачка, Полска, па и Бугарија со сите средства и начини ги штитат своите национални интереси и идентитет, македонските власти, во изминатите 30 години од независноста никако не научија како да ги штитат интересите на македонската држава и народ.
Тие сите овие години без јасна државна стратегија постојано подлегнуваа(т) на притисоците на соседите и правеа низа остапки, што најдобро зборува за отсуството на државотворен капацитет и стратегија, кога станува збор за нашите евроинтеграции.
Македонските политичари никако и по 3 децении не сфатија дека зачленувањето на Македонија во ЕУ не е партиско прашање, туку прашање од највисок државен интерес.
Евроинтеграциите не се проблем ни за СДСМ, ни за ВМРО ДПМНЕ, ни за ЛДП, ДУИ…
Тоа прашање ги засегнува и допира чувствата сите граѓани на Македонија.
Крајно време е македонските политичари да сфатат дека од решавањето на проблемот со претходно Грција, а сега Бугарија никој не може да излезе како победник.
Напротив на овој или, оној начин сите сме губитници бидејќи исполнувањето на било кој услов, кој ни го поставуваат соседите или европските ментори допира до идентитетските и националните чувства, на сите грагани и предизвикува очај, гнев и фрустрации.
Затоа крајно време е наместо собирање евтини политички поени на секои шест месеци да се шири лажен оптимизам дека Македонија ќе ги почне преговорите, конечно македонските политичари да ги надминат суетите и да ги утврдат црвените линии до каде можат да одат во остаптките и кои ќе се почитуваат без разлика која партија или коалциија е на власт.
Но притоа мора да се води сметка дека во идентитетските остапки не треба да има никакви поместувања без да се праша овој народ, а не народот на кој се повикува лидерот од Бугарија, Слави Трифунов.
Менде Младеновски Нова Македонија