Фудбалскиот клуб Пелистер деновиве повторно се врати под општинска капа.
По (не)успешната продажба на Пелистер пред почетокот на изборната кампања на локалните избори, новиот сопственик на клубот, фирмата “ Спорт Бит “ уште пред и официјално да го преземи клубот одлучи да му го врати Пелистер на Општината.
Така, колку што ме служи памтењето ФК Пелистер по четврт пат, по неусепшните(купо)продажби се враќа под општинска капа.
Првата неуспешна продажба на Пелистер беше кога клубот го купи фирмата “Цермат “.
Иако таа (купо)продажба беше најавена на големи звона, сепак само по кусо време се покажа дека од таа (купо)продажба нема ништо и дека се работеше за неуспешен предизборен проект, за да се сврти вниманието на гневните симпатизери на клубот.
Крајниот резултат од таквата (не)успешна (купо)продажба беше испаѓање на Пелистер од Првата лига.
Иако околу (купо)продажбата на Пелистер во тоа време имаше многу нерасчистени работи и јавноста бараше отчет за неуспешната (купо)продажба, сепак од тоа не се случи ништо.
Наместо клуб организиран по европски стандарди и излез на Европската фудбалска сцена, Пелистер се пресели во Втората фудбалска лига,а за неуспехот на клубот, беше обвинет тренерот со богата фудбалска домашна и меѓународна кариера, Ѓоко Хаџиевски.
Подоцна на ФК Пелистер му се случи уште една (не)успешна (купо)продажба, кога акциите на клубот ги купи фирмата ЗК Пелагонија.
Иако за разлика од продажбата на “Цермат “ оваа (купо)продажба се покажа многу поуспешна и Пелистер постигна голем успех во Купот, освојувајќи го истиот, сепак и оваа (купо)продажба не беше долгорочна. Напротив по кусата љубов и сопствениците на ЗК Пелагонија одлучија да им ги вратат клучевите на Општината, па така Пелистер повторно се најде под општинска капа.
Во настојувањето по секоја цена да се оттараси од Пелистер, локалната самоуправа на Битола повторно донесе одлука да го продаде доминантниот пакет акции на клубот на приватен сопственик, па Пелистер беше продаден на сопственикот на барот “Корзо “, Пеце Стојчевски, кој ги купи 75 отсто од акциите, додека останатите 25 отсто останаа во сопственост на Општината.
Во годината кога Пелистер славеше 75 години од своето постоење, поради пандемијата која ја зафати државата, а во таа смисла и Битола и економската криза, Пелистер се соочуваше со огромни тешкотии, па и покрај залагањето, сепак Пелистер во последен момент се спаси од испаѓање од Првата фудбалска лига.
Веднаш потоа следуваше нов обид за (купо)продажба на Пелистер, во која активна улога имаше претходната локална самоуправа.
Пред локалните избори акциите на Пелистер беа продадени на фирмата “ Спорт Бит”, која стана нов сопственик на доминатниот пакет акции на клубот.
И кога се мислеше дека со тоа конечно проблемот Пелистер ќе му се симне од дневен ред на Општината, следуваше ново изненадување.
Фирмата “ Спорт Бит”, која стана доминантен сопственик на клубот наместо да го внесе Пелистер во Европа, како што ветуваше, го доведе на ивица на амбисот и со освоени само 5 бода е практично со едната нога во Втората лига.
Во таква ситуација и “ Спорт Бит “ одлучи да му го врати клубот на Општината.
Па така од пред извесно време Пелистер е повторно грижа на локалната самоуправа, која ни крива ни должна повторно се најде во незавидна ситуација да го спасува Пелистер не само од испагање од Лигата, туку и од згаснување.
Деновиве Општината Битола, откако си зеде обврска да го спаси Пелистер одлучи во наредниот период за судбината на клубот покрај Општината да се грижат и познатите фудбалски имиња Ванчо Мицевски, кој е назначен за спортски директор, и познатите фудбалски звезди Митко Стојковски, Тони Мицевски, Спасе Ристевски.
Иако ваквата одлука на општинското раководство ги израдува сите вистински љубители на фудбалот во Битола, сепак се чини дека ништо не е готово и дека Пелистер во оваа сезона само чудо може да го спаси од испаѓање од Лигата.
Со освоени само 5 бода во есенскиот дел од првенството и практично без играчки кадар Пелистер тешко ќе може да се избори за опстанок во Лигата.
Иако Ванчо Мицевски е фудбалер и тренер со богато фудбалско и тренерско искуство, но сепак тој не е магеоничар.
Тоа не се ни Стојковски, ни Мицевски, ни Здрваевски.
ФК Пелистер е хронично “болен “ од импровизации. А ниту еднаа хронична болест не се лечи со импровизации и лесни “седативи “.
На Пелистер му е потребна здрава и осмислена политика, во која посебен удел треба да има и бизнис секторот, еднаш за секогаш ќе се утврдат насоките по кои ќе се движи клубот.
Со купи -продај политики како досега Пелистер само ќе тони или ќе тапка во место.
Градот еднаш за секогаш треба да се изјасни каков клуб сака и кој покрај Општината ќе се грижи за неговата иднина.
Во спротивно на клубот црно му се пишува.