Don't Miss
Home / Колумни / Катанците како “решение”

Катанците како “решение”

              

        Деновиве во Кривичниот суд во Скопје се приведува при крај судењето на Бојан Јовановски, алијас Боки 13 за случајот со Меѓународниот сојуз.

        Во случајот со Меѓународниот сојуз инволвирана (беш)е и Битола.

        Но со оглед на тоа што судијата одби да ги сослуша сведоците од Битола, предложени од Боки 13,  кои  според него се дбро  запознати со идејниот проект за изградба на Старскиот  дом во Битола, јавноста нема да ја има таа прилика да се запознае со случјот со Меѓународниот сојуз.

        Но од тоа што досега е пласирано во јавноста наводно станува збор за “бонбона”проект на една пензионерка од Скопје која  за  прекрасната идеја доби од сопственикот на ГП Пелистер, Силјан Мицевски  ни помалку ни повеќе туку над 750 000. евра

        Но и покрај тоа што идејата на Боки 13 и пензионерката од Скопје ја имаше целосната поддршка не само на Владата, туку и на голем број бизнисмени, проектот за изградба на Старскиот дом по европски стандарди не се случи ништо.

         Битола не доби современ старски дом, така што и натаму голем број пензионери со години ќе чекаат да бидат згрижени во старскиот дом “ Сју Рајдер”.

        Потребата од старски дом во Битола не е ни од вчера, ни од денес.

        Години наназад, особено за време на одржувањето на предизборните кампањи,  битолските политичари ја наметнуваат потребата од изградба на старски дом за згрижување на старите лица.

        Во голем број случаи нашите иселеници од Европа, САД или Австралија искажале подготевност да с евратат во родниот крај само доколку се изградат современи старски домови.

        Но барем засега од тоа нема ништо.

         Во Битола сеуште има само еден државен и еден приватен Старски дом, кои ни оддалеку не ги задоволуваат потребите за згрижување на старите лица.

        И додека (не)надлежните постојано излегуваат во јавноста со потребата од изградба на нов Старски дом, во Битола во наредните денови ќе биде ставен катанецот на Старскиот дом од отворен карактер, хотел Битола.

        Имено деновиве Управниот одбор на Фондот за пензиско и инвалдиско осигурување донесе одлука двајцата корисници на услугите на домот да го напуштат “ хотелот “ и да се иселат, бидејки хотел Битола наскоро  ќе биде затворен.

        Така тоа што со години се најавуваше по се изгледа конечно ќе се случи.

        Хотел Битола по се изгледа ќе биде затворен.

        И за овој објект како излезно решение од безизлезната состојба во која со години се наоѓа,  за хотел Битола е понуден катанецот.

        Битола наскоро ќе остане без хотел Битола, некогаш култниот хотел не само за згрижување на  постарите лица и за бројните битолчани, кои постојано го посетуваа хотелот.

         Хотел Битола, кој беше од отворен тип едно време  беше место каде што  постарите лица корисници на хотелот  уживаа во услугите, а и младите битолчани и бизнис елитата често пати за скромни цени ги користеа услугите на хотелот.

        Во тоа време хотел Битола  работеше комерцијално и доста рентабилно.

        Но подоцна  овој хотел почна да запаѓа во тешкотии и по честите смени на раководните структури, најчесто по партиска основа, се најде во крајно незавидна ситуација.

        Поради тешкотиите во кои западна  хотел Битола голем број од корисниците го напуштија хотелот, па така денес услугите на овој хотел ги користат само двајца корисници, кои во наредните петнаесетина дена ќе мора да се иселат.

        Така за неколку дена и последните станари во домот ќе мора да се иселат, па  на хотел Битола  ќе му биде ставен катанецот.

        Затворањето на хотел Битола е уште една неуспешна приказна за Битола.

        По затворањето на голем број стопански капацитети и фабрики наскоро ќе биде ставен катанецот и на хотел Битола.

        Иако кога станува збор за (не)грижата за (нај)младите и (нај)старите жители и граѓаните на Битола, на политичарите при секои избори  им е полна  устата за наводната грижа за нив, сепак од тоа барем засега  нема ништо.

        Битола откако пред неколку години остана без Детското одморалиште Пелистер остана без култното одморалиште каде најмладите како во летните, така и во зимските месеци  се разонодуваа и ги полнеа своите батерии со чист и свеж воздух, наскоро градот под Пелистер ќе остане и без култниот хотел Битола.

        По затворањето на овие два објекти се чини дека Битола и битолчани, а во таа смисла и најголемиот број битолски политичари  паднаа на испитот за (не)грижата како за (нај)младите, така и за (нај)старите сограѓани.

         Битола за подолг период загуби два исклучителни објекти,  во кои младите и старите битолчани ги поминуваа најубавите моменти од својата младост или старост.

        Станува веќе загрижувачки што кај нас во Битола катанците стануваат “решение” за проблемите.

        Затоа не треба никој да се чуди што младите си заминуваат од градот, а  се помаку возрасни битолчани печалбари не се одлучуваат  да се вратат во родниот град, бидејќи нема каде да бидат згрижени, како што е секаде во светот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*