Вчера на барање на битолските и прилепските новинари се одржа онлајн ЗУМ средба со претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски со една точка на дневен ред дискусија околу членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни услуги.
Новинарите присутни на средбата се осврнаа на тешката економска состојба со која веќе подолго време се сочуваат локалните и регионалните медиуми, кои се на работ на опстанокот и истакнаа дека се за укинување на членот 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни услуги.
Новинарите на состанокот побараа ЗНМ, во рамките на своите ингеренции, да се заложи за укинување на членот 102, а доколку дојде до тоа, да се направат критериуми по кои предност во распределбата на средствата ќе имаат локалните и регионалните медиуми, како парите не би завршиле во најголем дел во медиумите во Скопје кои и онака го земаат најголемиот дел од рекламниот колач во земјава.
Новинарите дадоа поддршка за формирање на фонд за медиуми преку кој ќе се финасираат проекти во медиумите од јавен интерес.
На средбата беше побарано и новинарите од внатрешноста да бидат вклучени во процесот на утврдување критериуми по кои во иднина ќе се одредува распределбата на средствата во Фондот и да не се даде приоритет само на проекти од медиумите со седиште во Скопје.