На денешен ден се случи масакрот кај Вејце, кога во конфликтот во 2001 годинa загинаа осуммина припадници на специјалната единица на МВР, а од нив 4 беа битолчани. Во нивна чест, пред споменикот на загинатите бранители во кругот на СВР Битола, споменикот „Ангел“ кај Саат кулата и споменикот на Бошко Најдовски во Долно Оризари, свежо ццвеќе положија градоначалникот Тони Коњановски, претставници на Советот на општина Битола, полицијата, семејствата на загинатите, политичките партии и граѓаните.
„Денес се навршува 21 година од загинувањето на нашите херои, кои своите животи ги положија во одбрана на татковината. Со тага и болка се сеќаваме на масакрот кај Вејце, во кој што во заседа беа нападнати и масакрирани осум припадници на Посебната единица на МВР и припадници на армиската единица “Волци“, од кои четворица од Битола и битолско.
Денешниот ден е потсетување на најгрозоморниот и најкрвавиот настан од конфликтот во 2001 година, во кој Битола ги загуби Марјан Божиновски, Илче Стојановски, Кире Костадиновски и Бошко Најдовски.
Наша должност е да го сочуваме нивниот спомен, да го негуваме како што заслужуваат и да дадеме се од себе за да не дозволиме трагедиите да се повторуваат.
Нека им е вечна славата“, рече градоначалникот Тони Коњановски.