Don't Miss
Home / Вести / Ковачевски: Најостро го осудувам насилството на протестите, омразата и агресијата не се решение

Ковачевски: Најостро го осудувам насилството на протестите, омразата и агресијата не се решение


Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во своето обраќање до јавноста преку својот Фејсбук профил, остро ги осуди немилите настани на вчерашните протести, апелирајќи до граѓаните да го изразат својот став на мирен и демократски начин. Тој ги повика и политичките чинители да не ги вовлекуваат граѓаните во насилни протести, давајќи им лажни ветувања и увери дека Владата во ниту еден момент не го довела под знак прашалник македонскиот идентитет и македонскиот јазик и дека нејзина обврска е да го сочува достоинството на граѓаните.

Во продолжение ви го пренесуваме интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:

Почитувани граѓани,

Најостро ги осудувам вчерашните настани кои за голема среќа не резултираа фатално за граѓаните. Никаков револт не може да оправда употреба на огнено оружје од страна на цивили, каменување, оштетување државен имот, посегнување по нечиј живот.

Изразувањето незадоволство преку мирно протестирање е уставно загарантирано право и оваа Влада досега повеќе пати покажала и докажала дека демократијата е во рацете на граѓаните и никој нема да им го ускрати тоа право.

Но, омразата и насилството не биле решение и никогаш нема да бидат решение за ништо. Од последните случувања, и хулиганското однесување на улица има само еден губитник, а тоа е Република Северна Македонија.

Ги повикувам политичките чинители да не ги вовлекуваат граѓаните во насилни протести, давајќи им лажни ветувања. Ваквите сценарија веќе ни се добро познати на сите нас. Вчера видовме страшен пример за политичари кои имаа несовладлива склоност да играат улога на жртва, поради голема желба за моќ. Ваквите „игри“ го покажуваат вистинското лице на оние кои се кријат зад народот. Еден ден ги поттикнуваат на радикализам, веќе следниот се повлекуваат и оградуваат од граѓаните кои претходно ги изманипулирале. Ним сакам да им порачам – крвавите сцени во законодавниот дом, на улиците низ државата, се едно минато време кое е зад нас и на кое никогаш нема да дозволам да се вратиме.

Сегашноста ни укажува на други приоритети, а тоа се хармонија и просперитет. Во Република Северна Македонија институциите функционираат, оттука секој проблем, прашање, се решава низ дијалог. Така функционира земја членка на НАТО, така функционира земја чија иднина е ЕУ, така функционира и Северна Македонија.

Почитувани граѓани, во ниту еден момент како Влада не сме го довеле под знак прашалник македонскиот идентитет и македонскиот јазик. Наша обврска е да го сочуваме достоинството на граѓаните и тоа го правиме. Ние сме европска влада и се залагаме за европски вредности.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*