Деновиве на неколку локации во Битола, во старото градско јадро, особено зад Центарот за култура и Народната и Универзитетска библиотека “ Климент Охридски “ на неколку куќи на улицата “ Стевче Патако “ има поставено сообраќајни знаци за предупредување дека улиците се опасни за движење и сообраќај, бидејќи се склони кон паѓање.
Пред извесно време сообраќајната полиција дури мораше да го ограничи движењето не само на пешаците, туку и на автомобилите , бидејќи постоеше голема опасност една од старите и некогаш мошне луксузни куќи на улицата “ Никола Тесла “ да се сруши.
Слично такво предупредување веќе подолго време има и на улицата “ Стевче Патако “ каде една од куќите неодамна буквално се сруши до темел и само благодарение на случајноста никој не настрада, а во непосредна близина на истата куќа, уште на две – три куќи со “прекрасна и раскошна стара архитектура “ стои предупредувње дека се склони за паѓање и дека пешаците треба да внимаваат кога врват по таа улица и најдобро е истата да ја заобиколуваат.
Слична е состојбата и во околните улици, кои се наоѓаат во стартото градско јадро на Битола.
Кога станува збор за куќите, или објектите од старата битолска архитектура, состојбата е повеќе од загрижувачка.
Ако некогаш тие куќи беа гордост за Битола, денес тие вака како што се оставени на забот на времето да пропаѓаат, се сериозна опасност за битолчани, особено за соседите, кои имаат куќи во непосредна близина, или пешаците кои се движат по тие улици, а на опасност се изложени и возачите на автомобили кои се движат по тие сокаци.
Иако се сметаше дека со донесувањето на Законот за денационализација, откако им беа вратени куќите на најголем број сопственици и нивни наследници од кои беа национализирани, во голема мера куќите ќе се заштитат од пропаѓање, сепак, за жал, тоа не се случи.
Напротив, поради тоа што повеќето од куќите им припаднаа на голем број наследници, кои никако не можат да се договорат што да прават со наследените објекти, тие се оставени едноставно да пропаѓаат.