Само уште 1ден не дели од 2 август, Денот кој во 1903 година, со златни букви е запишан во македонската историја, кога Македонскиот народ на тој ден заедно со сите етнички заедници, кои живееја во Македонија, под знамето на слободата се крена против Османлиското ропство.
Подготвувајќи се да ја пишувам оваа претпразнична колумна, пред 2 август 2022 година, не знам зошто, но пред мене постојано ми излегуваа ликовите на македонските револуционери, кои на 2 август 1903 година требаше да ја донесат историската одлука дали да се кренат на востание, или пак да продолжат да го трпат теророт на Османлиите.
Иако беа свесни дека било која одлука да ја донесат последиците ќе бидат тешки и дека нивните шанси да му се спротистават на далеку помоќниот Турски аскер се речиси никакви, сепак решија да се кренат на востание.
Сите застанати под знамето на слободата и камата и пиштолот, одлучија да се кренат на востание.
Заклетвата беше “ Слобода или смрт”.
Во името на слободата македонските револуционери ја одбраа смртта.
Својот живот и смртта беше влогот што востаниците одлучија да ги дадат за ослободувањето од вековното турско ропство.
Иако речиси сите беа во цутот на својата сеуште нерасцветана младост, тие одлучија да се фатат за своите пушки малихери и да ја почнат борбата за ослободување од вековното ропство и да му покажат на светот дека Македонскиот народ одлучи да му каже НЕ на Османлиите.
Водени од својот вековен идеал за слобода и своја автономна држава, Македонскиот народ и народите кои живеаја на напатената македонска земја, одлучи да се крене на востание.
Иако слабо вооружени, само со пушки малихери и едно црешево топче, македонските востаници тргнаа против далеку побројниот и помокен турски аскер да ја освојат слободата.
Тоа во што никој не веруваше се случи.
Македонија ги порази Турците и создаде своја Република, прва на Балканот.
Крушевската Република беше симбол на слободата и на остварувањето на вековните идеали за своја самостојна, независна, суверена автономна држава.
По Илинден 1903 година, цели12 дена македонскиот народ дишеше со полни плука, слободно, чувствувајки ги придобивките на слободата.
Дванаесет дена Крушево беше слободно.
Веста дека на Балканот се роди првата Република го обиколи светот.
Македонија стана земја која успеа по победата над Турците да создаде своја слободна Република во која самите граѓани одлучуваа како ќе живеат.
Но за жал само по 12 дена огроманата армија на Турскиот аскер со сите сили и орудија тргна во контранапад и со жестоко бомбардирање крваво го задуши востанието.
Крушевската република не само што беше крваво задушена, туку Турскиот аскер жестоко се пресмета со македонските востаници и револуционери.
Крушево беше буквално пеплосано.
Но во тие пеплосани ридови и куќи останаа да тлее вековниот идеал на македонскиот народ за слобода и своја автономна држава.
Тој идеал го препозна дури и Турскиот аскер, кој воодоошевн од храброста на македонските востаници со свечен плутон, на Мечкин камен му оддаде почит на загинатите херои и востаници.
Низ историјата Македонија во неколку наврати била пред дилемата дали да каже ДА или НЕ.
Воден од вековната желба за своја суверена и самостојна држава, за воскреснување на Крушевската република, Македонскиот народ и сите народи и народности кои живеат во Македонија, на 8 септември 1991 година, со плебисцитарно изјаснување се определи по мирен и демократски пат да создаде своја самостојна, независна и суверена држава Република Македонија.
Од тој 8 септември, изминаа цели 31 година, а Македонија сеуште се бори за својот суверенитет.
Во изминатите 31 година, како и Македонските револуционери и идеалози во 1903 година, и Македонските политичари денес, кои биле и се на раководни позиции, биле исправени пред дилемата дали да кажат ДА или НЕ.
Исправени пред изборот да се продолжи по патот за ЕУ или да се остане во Балканската крчма, македонските политичари често пати не знаеле кој пат да го фатат, но сепак на крајот носеле правилна одлука.
Пред такви дилеми биле раководствата на двете најголеми политички партии, СДСМ и ВМРО ДПМНЕ.
И двете партии имале можност да ги реализираат или не, вековите стремежи на македонскиот народ за остварување на неговиот животен сон, влез во европското семејство.
Пред таквата дилема Македонија е исправена и сега.
Кога се мислеше дека со смената на името и исполнувањето на условот на Грција,на Македонија широко му се отвори патот за Брисел, стигна нов ултиматум, од источниот сосед, Бугарија, која не сака да ја пропушти шансата конечно да ги исполни своите вековни стремежи и апетити , да ја бугаризира Македонија.
Иако Бугарија беше меѓу државите која прва ја призна Република Македонија по Референедумот 1991 год. сепак Бугарија никогаш не ги криеше своите отворени негации за идентитетот и македонскиот јазик на Македонија.Оттаму, сега, пред претстојниот Илинден 2022 година, се чини дека е моментот кога треба наместо Бугарите, ние да ја препрочитаме нашата историја и да се навратиме 119 години назад, во нашето минато доколку сакаме да имаме светла иднина.
Македонскиот народ кога собра храброст на 2 август 1903 година да каже НЕ и Доста е, време е и сега, сегашните власти, кои раководат со државата и политичките партии кои имаат желби и амбиции да дојдат во таква улога да се обединат околу вековниот идеал на Македонските револуционери и да кажат Доста е на поделбите и да се обединат околу единствената идеја која сите не обединува, а таа е влез во ЕУ.