Don't Miss
Home / Вести / Битола остана и без пари и без две детски градинки

Битола остана и без пари и без две детски градинки

Пишува:

Нова Македонија

Кога во октомври минатата година пред локалните избори беа удрени темелите за изградба на две детски градинки, во просторот на поранешната касарна и во близината на ОУ „Климент Охридски“ во Нова Битола, од тогашната локална власт, на чие чело беше поранешната градоначалничка Наташа Петровска, беше речено дека по 30 години во Битола почнаа да се градат не една, туку две детски градинки.
Почетокот на изградбата на двете детски градинки беше најавен како почеток на крајот на грижите на родителите на малите дечиња за нивно згрижување во нови, модерни и современи детски градинки, каде што ќе можат безгрижно да престојуваат додека нивните родители се на работа.
Со изградбата на двете детски градинки се тврдеше дека конечно ќе се реши најгорливиот проблем на младите родители во Битола да ги згрижат своите деца и дека долгиот список од над 1.000 барања за сместување во градинките во Битола буквално ќе се преполови.
Но, за жал, од тоа не се случи ништо.
Како и со изградбата на затворениот базен во ОУ „Климент Охридски“ што почна да се гради, а по неколку месеци подоцна градежните активности прекинаа, така и градинката во поранешната касарна само што почна да се гради нешто подоцна градежните активности беа прекинати.
Фирмата „БВ инженеринг“ од Битола, која победи на електронското наддавање во конкуренција на 10 економски оператори, колку што аплицираа за изградба на градинката, само еден месец по почетокот на изградбата на градинката прекина со градежните активности и побара ревидирање на договорот и потпишување анекс на договорот.
Таквиот почеток на работите од страна на „БВ инженеринг“ беше само најава дека оваа градинка нема да се изгради во предвидениот рок.
И така уште на почетокот започнаа игрите со изградбата на градинката, за неколку месеци подоцна истите тие прекинат и денес парцелата каде што требаше да биде изградена градинката е празна, напуштена и запуштена.
А новата градинка што требаше да биде изградена кај АРМ, според проектот, требаше да згрижи 260 дечиња.
Инвестицијата во првата фаза требаше да изнесува 400 илјади евра, од кои половината беа донација на германската компанија „Кромберг и Шуберт“.
Фирмата „БВ инженеринг“, откако со претходната власт потпишала два анекс-договори и кога со новата локална власт не успеа да се договори за потпишување нов анекс-договор, едноставно прекина со градбата и си ги повлече градежните машини.
Новата локална самоуправа, на чие чело е актуелниот градоначалник Тони Коњановски, откако увиде дека не постојат услови за потпишување нови анекси кон основниот договор, го раскинаа договорот со изведувачот на градежните работи, фирмата „БВ инженеринг“, и ја активира банкарската гаранција.
– Ние како локална самоуправа немавме друг избор, туку поради непочитувањето на договорот и доцнењето на градежните работи да го раскинеме договорот со фирмата „БВ инженеринг“ и да ја активираме банкарската гаранција.
Сега, кога договорот е раскинат, во наредните денови ќе биде објавен нов јавен повик за нов изведувач на работите на градинката – вели заменик-градоначалникот на Битола, Бојан Бојковски.

И покрај тоа што Општина Битола ја наплати банкарската гаранција, сепак, локалната самоуправа од стопирањето на градбата ќе претрпи голема материјална штета.
Штета ќе претрпи и германската компанија „Кромберг и Шуберт“, која исто така учествуваше со свои средства во изградбата на градинката.
Инаку, според проектот, новата детска градинка во касарната требаше да се простира на површина од 2.189 квадратни метри, додека површината за градба, предвидена за објектот детска градинка П+1, требаше да зафаќа 1.618 квадратни метри.
Новата градинка во поранешната касарна, за чија изградба согласност даде и Министерството за труд и социјална политика, требаше да опфати 260 деца.
Истата таа требаше да располага со 13 занимални и сопствена кујна и требаше да биде изградена по најсовремени стандарди со почитување на сите енергетско-еколошки стандарди.
Од вкупно 400 илјади евра колку што требаше да чини градинката во правата фаза, речиси половината ги обезбеди германската компанија „Кромберг и Шуберт“.
Интересно е што фирмата „БВ инженеринг“, која ги прекина градежните работи за изградба на градинката во поранешната касарна, наводно, поради зголемените цени на материјалите и работната рака, само неколку месеци откако се откажа од изградбата на градинката, неколку стотини метри подолу, во касарната почна да гради нов најсовремен станбено-деловен простор, каде што квадратниот метар за битолски услови е мошне висок и изнесува околу 1.000 евра.
Битолчани со право се прашуваат како оваа компанија, која неодамна прослави 20 години од основањето, нема пари да ја доврши градинката, а има пари да почне со изградба на најсовремен станбено-деловен простор, кој чини неколку милиони евра.
Деновиве прекинаа градежните активности и за изградба на градинката кај ОУ „Климент Охридски“, која требаше да згрижи над 160 дечиња.
И овој проект, како и проектот за изградба на детска градинка кај АРМ, беше најавен како капитален, кој во голема мера требаше да придонесе да се згрижат малите дечиња од Нова Битола.
Според увидот што го направивме деновиве на самото градилиште, таму во моментот нема ни една градежна машина, отстранети се и помошните објекти, а според нашите соговорници, кои живеат во непосредната околина од градилиштето каде што требаше да се гради градинката, си замина и стражарот што се грижеше за безбедноста на градилиштето.
Така, Битола, градот каде што списокот на деца што чекаат ред да бидат сместени во градинките е над 1.000, и натаму е без градинки, кои беа најавени како најголеми инвестиции на претходната локална самоуправа, предводена од бившата градоначалничка Наташа Петровска.
Додека фирмата „БВ инженеринг“ од Битола се вади дека до стопирање на градбата на градинката кај АРМ дошло поради кризата што ги погоди градежниците по последните поскапувања на материјалите и градежната рака, никој во Битола не знае кои се причините за прекинот на градежните работи на фирмата „Бауер“ од Скопје за изградба на градинката кај „Климент Охридски“.
Изградбата на градинката кај ОУ „Климент Охридски“, покрај со средства на Општината беше помогната и со грант од страна на Министерството за труд и социјална политика и Светската банка, во согласност со проектот за изградба на нови, надградба или адаптација на постојните објекти за згрижување и воспитување деца на предучилишна возраст во општините.
Договорот за грант со Општина Битола се однесуваше за изградба на нов објект како дел од јавната установа за згрижување деца од предучилишна возраст „Мајски цвет“, со површина од 810 квадратни метри и максимален капацитет од 152 деца, организирани во осум воспитни групи.
Според проектната документација, Општина Битола во изградбата на оваа градинка требаше да вложи 48 милиони денари или 56 милиони денари со вклучен ДДВ.

– Најсуштинската инвестиција е насочена кон нашите млади, кон нашата иднина, децата. За мене и како градоначалник и како педагог и како родител, она што беше најважно е грижата за децата, создавањето подобри услови за нивно згрижување, воспитување и образовање. Како локална самоуправа со сите здрави политики што ги водиме, јасно поддржани од централната власт, навистина се грижиме за граѓаните, особено за младите генерации. Покажавме дека умееме и знаеме да ги подобриме условите во образовните и згрижувачки институции. Само во градинките во Општина Битола во мојот четиригодишен мандат се вложени над 580.000 евра, со што значително се подобрени условите во нив. Она што ме радува е изградбата на новите две детски градинки, за кои Општина Битола со децении немала можност да ги има. Се надевам дека овие здрави политики ќе продолжат и во иднина и навистина ќе имаме благосостојба за сите нас – изјавуваше тогаш градоначалничката Наташа Петровска.
Но, за жал, не се случи ништо од тоа.
Како и да е, градежните активности за изградба на двете детски градинки во Битола се стопирани. Проектите на претходната локална самоуправа, предводена од бившата градоначалничка Наташа Петровска доживеаја вистинско фијаско.
Градежните изведувачи што ги стопираа работите не си поиграа само со Општина Битола туку си поиграа и со чувствата на најмладите, дечињата и нивните родители, кои со нетрпение ги очекуваа изградбите на овие две градинки, каде што требаше да бидат згрижени околу 400 дечиња, додека нивните родители се на работа.
Во исто време тие си поиграа и со довербата на германската компанија „Кромберг и Шуберт“, која донираше свои средства во висина од околу 200.000 евра за изградба на градинката кај АРМ, како и со довербата на Министерството за труд и социјална политика и Светската банка, која исто така ја помогна изградбата на градинката кај ОУ „Климент Охридски“.

Битолчани со право се разочарани и гневни за ваквиот расплет на работите со градинките, кои иако беа најавени како капитални инвестиции, останаа неизградени.
Оттаму тие бараат одговорност за сите инволвирани во овие скандали со градинките, како од страна на локалната самоуправа така и од изведувачите на градежните компании што требаше да ги изградат градинките.
Битолската јавност бара и очекува целосен одговор за тоа кој си поигра со проектите за изградба на двете детски градинки, дали градежните компании или општинското раководство и кој ќе ги сноси последиците.
Упатените тврдат дека станува збор за веќе познати и воиграни игри на градежниците со локалните власти, кои на електронските аукции по правило нудат ниски цени за да ги елиминираат своите конкуренти, а потоа бараат инвеститорите да потпишуваат и по неколку анекс-договори, со кои одлично заработуваат и ја поскапуваат градбата на инвестициите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*