По големата поддршка која ја доби од граѓаните на Битола, локалната самоуправа одлучи да ги отстрани сите диви монтажни гаражи кои се поставени на своја рака во Битола.
-Акцијата за отстранување на диво изградените гаражи и објекти во градот и натаму ќе се спроведува од страна на општина Битола. Бидејќи станува збор за многу локации и многу барања од страна на жителите на поголеми населби во градот, да се стави конечно ред со диво изградените гаражи и објекти, се утврдува редоследот на постапување. Како и за гаражите зад зградата кај поранешен ЈАТ, така и за следната интервенција, битолската јавност благовремено ќе биде известена за отстранување на гаражите, а претходно и сопствениците на диво изградените гаражи, со цел да ги отстранат предметите кои што ги чуваат во нив, соопштија од Општина Битола.
Инаку во Битола има стотици диво поставени монтажни гаражи, а не е мал бројот и на гаражите од цврста градба, кои се поставени буквално во сите реони на градот, во кои покрај возилата се чуваат и други предмети, а некои се издаваат под кирија за 50 евра месечно.
Локалната самоуправа на чие чело е градоначалникот Тони Коњановски одлучи сукцесивно да ги отстрани сите диво поставени монтажни гаражи и тие простори да ги хортикултурно да разубави, а на некои локации да се направат нови паркинг места.
Ваквиот потег на општината, освем кај сопствениците на гаражите наиде на огромна поддршка кај граѓаните на Битола, кои масовно ја поздравија акцијата.