Во изминатите над три децении од македонската независност се изнаслушавме не само од обичните граѓани и домашната (не)стручна јавност, туку и од нашите постојани, или повремени странски посматрачи, дека македонското (право) судство не само што е нестручно, корумпирано и партизирано, туку дека најмалку е независно.
Според сите домашни и странски анкети и анализи граѓаните на Македонија имаа(т) најмала доверба во македонското (право)судство.
Пред само неколку месеци од Амбасадата на САД во Македонија беше проследена информација во јавноста дека судството во Македонија е инститција, која мора целосно да се реформира, бидејки во голема мера ја изгуби довербата кај граѓаните, која тогаш изнесуваше само 8 отсто.
Таквата информација од Амбасадата на САД не беше нова не само за стручната јавност, туку и за обичните граѓани, кои и немале прилика некогаш да застанат пред лицето на (не)правдата.
Но на сите такви квалификации и забелешки, од нашите правораздавачи постојано бевме убедувани дека тоа се само перцепции и дека (право)судството во Македонија не само што е стручно и професионално, туку дека во голем дел е и независно.
Со оглед на тоа што во една судска постапка, кога се обвинуваат и судат две стран(к)и, и кога спорот не се решава со медијација, или со вон судска спогодба, во зависност од пресудата едната стран(к)а мора да биде незадоволна, некои од изречените констатации за (не)зависноста на македонското (право)судство не пиеја вода.
Но општа оценка на сите, без разлика дали бил тужен, или тужел, во изминатите над 3 децении од самостојноста на државата беше дека македонското судство во Македонија не може да се каже дека го положи тестот на времето и дека ја прокоцка довербата кај граѓаните.
На таквите обвинувања во голем број случаи немаа одбрана и самите судии.
Неодамна македонското (право)судство го доживеа најжешкиот и најтешкиот удар.
Овој пат обвинувањата и критиките за неговата (не)зависност не дојдоа ни од некои засегнати странки во судските процеси, ни од граѓаните, туку од страна на обвинителката за борба против организираниот криминал, Вилма Рускоска.
Откако се зафати со предметот за првиот човек на финансиката полиција Арафат Муареми, околу повратот на ДДВ, таа се пожали и побара заштита од европските амбасадори и САД, на кои им се пожали дека врз неа се вршат огромни закани и страшни притисоци да ја запре истрагата.
Потегот на Рускоска за наводните притисцои кои се вршат врз неа да се пожали кај странските амбасади не само што беше брзоплет и непресметан, туку во најмала рака беше директно признание дека македонското (право)судство не е независно и дека кај нас странците се тие кои треба да воспостават ред и поредок и во правосудната област.
Со самото барање во случајот со Арафат Муареми да и помогнат странските амбасади, Рускоска најблаго речено призна дека нема доверба во македонските истражни органи и институции и праводсуството.
А кога тоа го тврди првата обвинителка во државата која имаше одврзани раце да ги гони најкрупните риби во земјата, тогаш не треба воопшто да се чудиме дека довербата кон македонското (право)судство изнесува само 8 отсто.
Без да навлегуваме во конкретнот случај за судирот меѓу првиот човек на финансовата полиција Муареми и првата обвинителка Вилма Рускоска, едно е јасно дека со нивниот судир и нивните обвинувања кој е во право, му е нанесен сериозен удар на македонското (право)судство од кој истото тешко ќе се опорави.
Во една прилика, кога му заврши мандатот, сега покојнот обвинител од Битола, Александар Прчевски изјави дека тој бил последната будала која се нафатила да биде обвинител да ги гони криминалците во Македонија.
Иако ја имаше апсолутната поддршка на тогашната власт, предводводена од Бранко Црвенковски, Прчевски, кој важеше за бескомпромисен борец против злоупотребите и криминалот не успеа да се справи со него и да ја заштити, или исчисти Македонија од криминалците.
Иако Вилма Русковска нема(ше) храброст да признае како Прчевски дека била будала која се нафатила да се бори против криминалот во Македонија, сепак мислам дека неа сега и е јасно дека самата, без апсолутна поддршка на власта и владините државни институции тешко ќе се избори против криминалот кој го гони.
А кога криминалот и криминалците во државата се гонат со поддршка на власта и владините институции, тоа е однапред изгубена битка, бидејќи најголемите кумови на криминалите во државата се баш луѓето од власта, кои располагаат со народните пари.
Кога станува збор за македонските обвинители Македонија нема многу среќа со нив.
Иако сите без исклучок при изборот ветувале бескомпромисна војна против криминалот и криминалците, сепак, многу малку направиле на тој план.
Но само Александар Прчевски имаше храброст да признае дека бил најголемата будала кој се нафатил да се бори против криминалците. Другите иако тоа длабоко во себе го признавале, сепак немале храброст јавно тоа да го кажат.
Битката против криминалот ја изгуби и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која наместо да се бори протв криминалот, се вплетка во истиот.
На Македонија во борбата против криминалот не и помогна многу ни ангажирањето на романската обвинителка Моника Маковеј, која беше ангажирана од претходната власт.
Кај нас обвинителството и судството се назависни само во Уставот. Но во праксата, ниту правосудството, ниту обвинителството, сите овие години не успеаја да се ослободат од политичкото влијание кое кај нас е нагласено во сите структури и институции.
Затоа во оваа ситуација Вилма Рускоска нема право да бара помош, ни од домашните институции, но ни од странските амбасадори, зашто токму таа е избрана и за тоа дебело платена со својот тим обвинители да се избори против криминалот во државата, кој во последно време постојано цвета.