Вечерва, 28 септември, во киното Манаки, со почеток во 20 часот премиерно ќе биде прикажан музичко – документарниот филм за Ајри Демировски, авторот на песната “ Битола мој роден крај”.
Преку овој документарен филм, чиј автор сценарист и продуцент е Менде Младеновски, а е изработен во копродукција со Битолски весник и Радио Б -97, присутните ќе можат да се запознаат со животот и музичкото творештво на Ајри Демировски, човекот, кој со песната “Битола мој роден крај” Битола ја направи вечна, а и себеси се запиша во вечните.
Во овој филм покрај тоа што ќе можат гледачите да видат и слушнат како Ајри Демировски ја напишал песната Битола мој роден крај, ќе можат да се запознаат и со неговото огромно музичко творештво, кое брои над 80 песни, од кои најголемиот број се антологиски, како и да ги слушнат изведбите на неколкумина познати музичари, композитори и текстописци, кои говорат за музичкото творештво на Ајри.
Во рамките на премиерата на овој филм ќе настапат и неколку познати битолски пеачи, меѓу кои Маргарита Христова, Билјана Дамјановска, Сефедин Бајрамов и Велчо Петровски, кои ќе исполнат песни од Ајри.
Во 2007 година Ајри Демировски, чија песна “ Битола мој роден крај “ е прогласена за песна на векот од страна на Советот на Битола беше прогласен за прв почесен граѓанин на Битола, а наредната, 2008 година Битолски весник, во рамките на манифестацијата “ Избираме најуспешни битолчани“ го прогласи за личност на годината.
Инаку Ајри Демировски, почина во Измир на 22 октомври 2010 година.