Don't Miss
Home / Вести / СДСМ од Коњановски бара детален отчет за трошењето на буџетските пари

СДСМ од Коњановски бара детален отчет за трошењето на буџетските пари

-СДСМ и коалицијата бараат градоначалникот Тони Коњановски да даде отчет за потрошените над 11 милиони евра за само девет месеци во оваа година.

Во неговиот т.н. отчет наведено е дека се потрошени 283 милиони денари за капитални инвестиции и се изградиле 10 километри патна инфраструктура. По ова изгледа дека е поставен рекорд и еден километар улица чини 28 милиони денари или 455 илјади евра.

Уште пострашно е што од 11-те милиони евра што Коњановски ги потрошил, дури 6,5 милиони евра се дадени за разни трансфери и договорни услуги и стоки или таканаречени оперативни расходи.

Фактот што во отчетот на Коњановски нема никакви детали каде завршиле овие 6,5 милиони евра, буди сомнеж за крајно недомаќинско и неодговорно однесување кон парите на граѓаните. Парите на битолчани се трошат за разни трансфери, договорни услуги и наводната културна програма која полека заличува на пералница на пари, а општината се претвора во менаџерска агенција за концерти.

Според тоа како се однесуваат кон буџетот на општината, односно парите на граѓаните, Коњановски и екипата околу него се континуитет на Владимир Талески, а не на здравите политики на претходната локална самоуправа предводена од СДСМ. 

Затоа советничката група на СДСМ и коалицијата како одговорна партија ќе инсистираат на вистински и сериозен отчет за потрошените пари на граѓаните на Битола, а не отчет за потребите на шпицниот градоначалник.  

За таа цел, советничката група ќе поднесе Барање до градоначалникот Коњановски да достави целосен извештај за потрошените пари за култура и културни манифестаци во 2022 година. Извештајот да ги опфати сите трошоци за правни и физички лица кои по било кој основ се поврзани со организација и изведба на културните настани, со посебно издвоени трошоци за Бит фест.

Извештајот да се достави до советниците  и како транспарентна општина да се објави на страницата на општината.

Граѓаните имаат право да знаат како градоначалникот ги троши нивните пари. Особено, кога гледаат дека Коњановски ништо не реализирал од својата изборна програма и единствено што прави е завршување на проектите за кои претходната локална самоуправа предводена од СДСМ остави подготвена проектна документација и обезбедени финансиски средства, изјави секретарот на СДСМ Битола, Гордана Анастасова на денешната прес конференција.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*