Од минатата грејна сезона, со почетокот на енергетската криза 2021/22, АД ЕСМ доби задолжение од Владата да склучи Договор за деловно-техничка соработка и да набавува мазут за работа на ТЕЦ Неготино. Дотогаш АД ЕСМ набавуваше мазут само за потребите на своите термоелектрани, во одредени помали количини како дополнителен енергенс при согорување на јагленот.
Главното прашање и т.н. аргумент на авторите на емисијата КОД на ТВ Телма врз кој ја доведуваат во прашање регуларноста на набавката на мазут за ТЕЦ Неготино е зошто во повикот се барала испорака на 1200 тони мазут дневно.
Ги информираме авторите на емисијата КОД на ТВ Телма дека ТЕЦ Неготино троши околу 1.000 тони мазут дневно за работа со два котли.
Во повикот се бараше испорака од 1200 тони со цел останатите 200 тони да прават дневно дополнување во резервоарите на електраната и создавање резерви за случаи при евентуален застој од различни причини во испораката на мазут, да не дојде до ситуација термоелектраната да запре со производство поради немање погонско гориво.
Што се однесува до одредбите во тендерските документации на АД ЕСМ, од емисијата КОД емитувана на ТВ Телма на 22.1.2023 година, се стекнува впечаток дека компанијата ги менува условите без било каква основа. Тоа е апсолутно неточно. Условите во тендерските документации се пропишуваат согласно потребите на компанијата за извршување на главната дејност на компанијата – производство на електрична енергија, а не според желбите и можностите на економските оператори во земјава и странство. Со ваквите неаргументирани напади, шпекулации и полувистини што ги пласира во јавноста, ТВ Телма ги доведува во заблуда гледачите.
Ги информираме и потсетуваме авторите на емисијата КОД дека согласно член 23, став 1, точка 10 од Закон за јавни набавки, одредбите на овој Закон не се применуваат на ,,јавни набавки чиј предмет е набавка на енергија или гориво за производство на енергија, ако ги доделува договорен орган кој врши една или повеќе секторски дејности од членот 11 став (1), членот 12 став (1) или членот 17 на овој закон”.
Овој факт го нагласуваме за да потенцираме дека АД ЕСМ би можел да склучува директни договори за набавка на мазут без никакво објавување повици во јавноста, ниту спроведување постапки за набавка. Меѓутоа, АД ЕСМ редовно објавува јавни повици на својата официјална веб-страна и дополнително директно ги контактира лиценцираните фирми кои работат во дејноста од чија област е предметот на набавка. Исто така, многу често АД ЕСМ испраќа и соопштенија до јавноста за спроведување на повеќето набавки кои се или од голем обем или се од интерес на јавноста од било кој аспект.
Овој начин на работење на АД ЕСМ се практикува со цел да се обезбеди транспарентно работење и конкурентност, како и ставање на увид на јавноста и на сите заинтересирани страни на информациите за набавките кои се прават.
ТЕЦ Неготино последен пат работеше во 2009 година и после 12 години пауза ова раководство на АД ЕСМ заедно со тимот на термоелектраната успеа да ја стави во функција во екот на најголемата енергетска криза во Европа и кај нас.
Нападите од ТВ Телма, чиј основач и сопственик е Макпетрол АД Скопје, кон АД ЕСМ во последниот период се континуирани и претставуваат постојан притисок на кој компанијата е јавно изложена. Не би сакале да помислиме дека зад тоа се кријат било какви други причини освен заштита на јавниот интерес, но повеќе од очигледно е дека со објавите на медиумот планирано се создава револт кај публиката и истите можат да ја загрозат безбедноста на вработените во АД ЕСМ.
Согласно Кодексот на новинарите на Македонија, очекуваме авторите на емисијата КОД да гo објават ова соопштение и соопштението од АД ЕСМ испратено до ТВ Телма и сите останати медиуми на 23.1.2023г.
Во меѓувреме, АД ЕСМ ќе се обрати до Советот за етика во медиумите, до Советот на честа при ЗНМ и други релевантни организации кои ја регулираат медиумската дејност со цел да ги обезбеди своите права во јавниот простор, се вели во реакцијата на АД ЕСМ.