Don't Miss
Home / Вести / Енергетската криза ја претворивме во можност

Енергетската криза ја претворивме во можност

                 

-Во услови на најголема светска енергетска криза, кога дел од земјите го пролонгираа стартот на грејната сезона, нашите  граѓани имаа сигурно и стабилно снабдување со струја и парно кое стартуваше во точно пропишаниот рок и во текот на цела грејна сезона.

Оваа зима, која беше исклучително комплексна ние имавме само една цел,  а таа  беше  да ги заштитиме граѓаните и да ја одржиме ликвидноста  на компаниите  како во електро енергетскиот сектор, така и во сите други области на индустријата и услугите.

Успеавме да ги заштитиме граѓаните, благодарение на трудот што го вложивте вие вработените во ЕСМ и сите подружници, нагласи премиерот Ковачевски, кој рече дека ЕСМ го зголеми домашното производство и  наместо законски предвидените 60 отсто производство на електрична енергија, во целост, односно 100 проценти  обезбеди струја за домакинствата и за малите потрошувачи.

-Сега кога заврши грејната сезона, можам само да бидам горд на резултатите кои ги постигнавме и на заедничкиот успех: Кризата ја претворивме во можност, додаде Ковачевски.

-Во текот на целата грејна сезона струја и парно имаше, рестрикции немаше. Зголеменото домашно производство, донесе стабилна цена. Планот даде резултат. Тоа е најдобар демант за критичарите и квази експертите кои во текот на последниот квартал минатата година предвидуваа најцрни сценарија и го вознемируваа народот.

Тие беа демантирани токму од вас, кои успеавте да произведете електрична енергија повеке од тоа што со закон сте обврзани, потенцира Ковачевски.

-Овде од РЕК Битола, сакам само да ги сублимирам податоците кои транспарентно се објавува секој ден преку енергетскиот биланс и преку редовните прес-конференции кои ги одржувавме и вие во РЕК Битола и ЕСМ и ние во Владата. Во рамките на грејната сезона 2022/2023, за месеците октомври, ноември, декември, јануари, февруари, март имаме вкупно домашно производство на електрична енергија од 2,7 милиони Мњх. Во споредба со претходната грејна сезона 2021/2022 има зголемување на вкупното производство на електрична енергија од 45 отсто, односно за шест месеци минатата година се произвеле вкупно 1,8 милиони Мњх електрична енергија.

Ова е патриотизам во 21 век. Со посветена работа работниците ја доказаа и одбранија енергетската независност на државата и работеа со капацитети стари 40 години на нивно одржување, ремонт и на нивно постојано држење во функција со цел да се произведува електрична енергија.

Денес сум овде, меѓу Вас, пред се меѓу работниците од енергетскиот сектор во име на граѓаните на Република Северна Македонија да ви изразам благодарност за вашата професионалност и посветена работа, за трудот, знаењето и несебичниот пристап во справувањето со секојдневните предизвици со коишто се соочувавте.

Вашата работа придонесе за зголеменото производство на електрична енергија, а како резултат на тоа успеавме да успееме да обезбедиме евтина струја за училиштата, за образовниот процес да се одвива во училниците, за јавните комунални претпријатија преку кои граѓаните се снабдуваат со вода, истакна премиерот Ковачевски.

На  свеченоста  беа доделени благодарници за вработените кои неуморно работеа во услови на најголемата светска енергетска криза, која светот ја памети по Втората светска војна, нагласи премиерт Ковачевски.

Министерот за економија Крешник Бектеши, рече дека Министерството за економија како надлежна институцијата за енергетскиот сектор во државата од почетокот на грејната сезона работеше секојдневно со сите надлежни институции од енергетскиот сектор и носеше мерки се со цел успешно пребродување на енергетската криза. Сега пред нас стојат нови предизвици, а тоа е пред се енергетската трансформација и зголемување на енергетската независност. Во наредниот период ќе продолжиме да работиме засилено и посветено во зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори што ќе донесе поголема независност. Фокус исто така ќе биде и подготовка на следната грејна сезона која сум сигурен дека со новиот менаџмент на ЕСМ успешно ќе ја поминеме. Потрошивме најмалку средства споредено со земјите од регионот за справување со енергетската криза и обезбедивме непрекинато снабдување со електрична енергија за домаќинствата и компаниите. Така ќе продолжиме и понатаму. Благодарност до сите вработени во ЕСМ, работниците, менаџментот и сите оние кои беа вклучени во ова успешно справување со енергетската криза ” рече Бектеши.

Генералниот директор на ЕСМ, Васко Стефанов, им честита и се заблагодари на сите вработени во АД ЕСМ и на менаџментот на компанијата, затоа што професионално, максимално и со сиот свој потенцијал се вложија себеси при справувањето со енергетската криза.

-Благодарение на вашата посветеност и стручност, вашиот квалитет, голем ентузијазам и дополнително вложениот труд успеавте да се справите со исклучително тешките предизвици со коишто се соочивте. Притоа, успеавте да го зголемите производството, а истовремено да ги намалите трошоците, што пак, придонесе АД ЕСМ да оствари позитивни финансиски резултати. Докажавте, сите заедно, дека ЕСМ како компанија има капацитет да ја менаџира најголемата енергетска криза досега, секако со силна заложба и поддршка од Владата, лично  од премиерот Димитар Ковачевски и од економските министри. Ова големо признание и благодарност што ви го оддава премиерот е многу важно за сите, тоа е потврда за улогата и за успехот на секој  вработен поединечно  во ЕСМ, и силен доказ дека Владата е наш сојузник. Верувам дека за да ги постигнеме поставените цели на нашата компанија и во иднина ќе продолжиме со иста посветеност, ентузијазам и професионалност како и досега” ,нагласи  Стефанов.

На настанот на РЕК Битола и на сите подружници кои работаат во составот на АД ЕСМ им беа доделени благодарници.

Од настанот вработените го поставија прашањето за зголемување на личните доходи, нешто што им беше ветено од страна на Владата во претходниот период.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*