Претставници од ЕСМ, водечка компанија во областа на енергетиката, беа активни учесници на Симпозиумот ЕПЦГ НЕТ 2023, кој се одржа на 02 и 03 јуни во Будва, Црна Гора. Д-р Имер Зенку, член на Управниот одбор, и Благој Гајдарџиски, Директор на Секторот за развој и инвестиции, беа дел од престижниот настан.
Симпозиумот претставуваше платформа за дискусија врз важни и актулени случувања во областа на енергетиката и се фокусираше на следните теми: одговор на енергетската криза во регионот, оптимален енергетски микс за иднина и предизвиците за интеграција на ОИЕ, имплементација и финансирање на проекти во секторот на обновливи извори и регионите на јаглен во транзиција.
Г-дин Гајдарџиски беше панел учесник на првата тема, каде што ги изнесе состојбите и ставовите на ЕСМ. Главен акцент стави на потребата од инвестиции во обновливи извори за енергија каде истакна дека ЕСМ продолжува со својата посветеност кон остварување на планот на зеленото сценарио и ќе работи да стане енергетски независна земја која произведува електрична и топлинска енергија од обновливи извори.
Како дел од тој план, беа потенцирани проекти како што се ветерниот Парк Богданци и ревитализацијата на шест големи хидроелектрани, вклучувајќи ги ХЕ Вруток, ХЕ Врбен, ХЕ Равен, ХЕ Тиквеш, ХЕ Шпилје и ХЕ Глобочица. Овие проекти се во согласност со Зелената агенда за Западен Балкан и стратегијата за развој на енергетиката на нашата држава до 2040 година, која има цел намалување на емисиите на стакленички гасови за 61 проценти.
ЕСМ и понатаму ќе продолжи со својата посветеност кон промовирање на обновливите извори на енергија и со активна ангажираност во реализацијата на проекти што придонесуваат кон зелена енергетска транзиција и одржлив раст на регионот.