Don't Miss
Home / Колумни / Лет во место

Лет во место

                       

На 18 август Собранието на Македонија експресно ја заврши “историската “123  седница, на која на дневен ред беше  Предлогот за пристапување кон измена на Уставот, со кој се предвидува(ше) вметнување на Бугарите и на уште пет етнички заедници во Преамбулата на Уставот.

По излагањето на координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески  претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина седницата и најави дека за продолжувањето пратениците ќе бидат дополнително информирани.

Според тоа како се одвиваше расправата во Собранието, доколку во меѓувреме власта на обезбеди двотретинско мнозинство, најверјатно спикерот Џафери  гласањето за предложените измени на Уставот  нема никогаш да го закажи и ќе им го остави во наследство  на идните пратеници по новите редовни избори идната година.

        Така како што се очекуваше, откако стана јасно дека власта нема шанси да обезбеди двотретинско мнозинство, пропадна првата од вкупно предвидните три фази неопходни за промена на Уставот.

        Уште при изгласувањето на дневниот ред за кој гласаа  70 пратеници, а 47 беа „против”беше јасно дека нема ништо од усвојувањето на измените на Уставот.

        По прекинувањето на седницата  координаторот на ВМРО ДПМНЕ, Никола  Мицевски изјави дека на седницата излезе на виделина дека во Собранието нема двотретинско мнозинство за уставни измени.

-Денес се соочија со суверенитетот и интегритетот на Македонија од една страна и инаетот и ароганцијата на власта од друга страна.Уставни измени не се прават врз основа на натурање и диктат од надвор, рече Мицевски.

Во својата  изјава, лидерот на СДСМ и актуелен премиер, Димитар Ковачевски видно разочаран нагласи дека проевропската коалиција нема да подлегне на неодговорното и недржавничко однесување и ке направи се да ја тргне блокадата на патот на европските интеграции на државата.

-Нашата иднина е интеграција, а не изолација, истакна по завршувањето на седнцата на Собранието на која не се гласаше за уставните измени.Денес во Собранието стана кристално јасно кој навистина сака С.Македонија да стане просперитетна држава, земја членка на ЕУ, а кој сака да ја блокира европската иднина на државата.

ВМРО-ДПМНЕ со огромна леснотија  покажа дека се подготвени да ја блокираат европската иднина на граѓаните само и единствено за лични цели, а против подобар и попросперитетен живот за граѓаните и остварување на стратешката цел – полноправно членство во ЕУ на С.Македонија, рече Ковачевски.

-Со гласањето „против” уште при утврдувањето на дневниот ред, опозицијата потврди дека во земјава пропаднал концептот на ЕУ, оцени претседателот Стево Пендаровски.

Според него, опозицијата треба да каже каква алтернатива нуди и што предлага ако е против уставните измени. Што друго е понудено од опозицијата како алтернатива? Движење на неврзаните? Неутралност? Тоа е срамно и погубно да се каже од која било политичка структура. Тие требаа да кажат пропадна ова што вие го предлагате, ние мислиме  вака треба да биде. Што предлагаат тие наместо ова што денеска пропаднало? Која е алтернативата? Да дојдеш прво на власт па пак ке правиш две третини, со кого? Пак со мене, со тебе, со истите луѓе? Со истите политички структури? нагласи Ковачевски.

И така, како што веќе сме навиканале политичарите си останаја на своите ставови и одлуки и привремено, или за  подолг временски период  го пролонгираа патот на Македонија кон Брисел.

Политичарите на македонските политички партии, како и во други ситуации  така и овој пат не успеаја да ги надминат своите политички суети и да се договорат како да се справат со блокадата и ултиматумот на  Бугарија  за почетокот на преговорите на Македонија за влез во ЕУ.

 За разлика од порано,  кога се менуваше Уставот за промена на името на Република Македонија во С. Македонија,  кога власта цела ситуација ја изменаџира  со Сашо Мијалков, кој им обезбеди  8 пратеници, овој пат не само што Ковачевски  не успеа да најде начин како да дојде до 8 пратеници, туку не успеа да најде заеднички јазик ни со  лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христјан Мицкоски, кој уште на почетокот децидно кажа дека ни еден пратеник на ВМРО ДПМНЕ нема да гласа за ултиматумот на Бугарија, Бугарите да влезат во преамбулата на Уставот.

Напротив, наместо двајцата лидери да изградат заеднички став и консензус за решавање на блокадата на Бугарија, од страна на власта цело време се промовираше лажен  оптимизам дека Владата има обезбедено 80 гласови и дека за влез на Бугарите во Уставот ќе гласаат и пратеници на ВМРО ДПМНЕ.

Дали Ковачевски намерно промовираше таков лажен оптимизам, или така беше советуван од своите советници тоа само тој го знае. Но се покажа дека власта  во изминатата над  една година цело време ширеше лажен оптимизам дека работата ќе биде завршена.

И сега, откако седницата на Собранието, која се одржа на  историскиот 18 август, заврши како што заврши, се поставува прашањето кој е победник, а кој губитник од ваквиот исход на седницата.

Лично мислам дека никој нема ни повод ни причина да слави, особено не  партиите или лидерите.

Како и во редица случаи и овој пат  губитник е народот, кој  сега, кога не се гледа ни крајот ни почетокот за старт  на преговорите за влез во ЕУ, уште побрзо ќе фаќа џаде  за иселување.

За разлика од државата, која постојано е во ситуација како главните јунаци во драмата  “Лет во место “, народот, особено младите кои се веќе нстрпливи,  се многу попрагаматични и  веќе масовно се иселуваат во западните земји: Германија, Италија, Австрија, Шведска, Хрваска, Словенија, Австралија, Америка…

И покрај сите апели на властите граѓаните на Македонија, без разлика дали се Македонци, Албанци, Турци, Срби, тука да ја градат својата сегашност и иднина, тие  масовно ја напуштаат Македонија.

За многу кусо време најголемиот број од Македонците ќе бидат европски граѓани, но со Бугарски пасоши, а Македонија ќе седи во чекалната да ги почне преговорите за зачленување во ЕУ.

Како и во други прилики и овој пат    се покажа дека македонските политичари своите политички кариери ги градат на суети и дека нивните визии за државата се до Бакарно гумно.

За нив партиите се најважни од се.

Но ми е страв дека сме на добар пат да се оствари мислата на Барнко Црвенковски, кој во една прилика рече дека што ќе ни се партиите доколку ја изгубиме државата. А ние сме на добар пат да изгубиме државата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*