Не знам како и зошто дошол до насловот „Подземна република” еден анонимен шкотски новинар по интервјуто што го направил со Даме Груев во далечната 1906 година, или американскиот новинар Алберт Сониксон, авторот на делото „Исповед на еден македонски четник”, кој го искористил истиот наслов, но следејќи ги деновиве сите збиднувања на македонската политичка сцена и изјавите на водечките политичари во државата некако само по себе и мене ми се наметна истиот наслов “ Подземна република”.
Деновиве, кога уште немаше слетано на авионската писта во Скопје, по вракањето од службената посета на САД, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, беше дочекан и се соочи со нови обвинувања и кривични пријави од страна на неговите опозиционери. Иако со усвојувањето на ребалансот на буџетот се мислеше дека барем за кратко време се надминати суетите и разликите и дека конечно во Советот ќе надвладеат разумот и меѓусебното почитување и разбирање, сепак деновиве почнаа нови кавги.
Откако во Советот на Битола „функционира” ново мнозинство, тоа не претставува никакво изненадување. Но изненадување е што иако политичарите најчесто зборуваат за културен дијалог, меѓусебно почитување, етичко однесување, разбирање и толеранција, за жал, од сето тоа нема ништо.
Градонажалникот Коњановски, по вракањето од САД, кривичните пријави против него ги окарактеризира како неосновани, како продолжение на нападите врз него од страна на советниците на СДСМ, Поинаку и Левица.Тоа што е разочарувачки е што на ваква, па дури и полоша атмосфера на пласирање инсинуации, клевети, навреди, омаловажувања, обвинувања, деновиве сме сведоци во целата држава. Опседнати со своите политички амбиции, желби и суети, некои политичари не избираат начини како да го омаловажат или оцрнат својот политички противник.
„Груевски се наоѓа во тајна комуникација со Владата”, тврди Мицкоски; „Валкан дил на Груевски”, „Стигнаа нарацките од Будимпешта до Белата палата”, „ДПМНЕ се распаѓа”, „Ахмети е заробен од Груби”. ова се само мал број од насловите што деновиве можеа да се прочитаат или видат во печатените или електронските медиуми во Македонија и пошироко.
Деновиве дури сме сведоци на отворена војна и на довчерашните партиски другари и пријатели, експремиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и Кристијан Мицковски. Иако кога станува збор за ВМРО-ДПМНЕ секогаш по внатрешните судири и разидувања, како што беа случаите со Владо Голубовски, Димитар Црномаров, Борис Змејковски, Љубчо Георгиевски, Љубе Бошковски, кој од „брат” стана најголем предавник, кавгите и караниците најчесто завршуваа(т) со тешки обвинувањ, разијдувања, а и омаловажувања, па дури и физички пресметки, како што беше случајот во „Панорама”, сепак кавгата помеѓу Груевски и Мицковски ги изненади не само најголемиот број од членовите на партијата и нејзините симпатизери, туку и македонската јавност.
По малку неочекувано, актуелниот лидер на партијата, Христијан Мицкоски, преку германски медиум директно го нападна својот претходник Никола Груевски дека тајно се договарал со Владата за негова слобода, на сметка на тоа да направи поделба во ВМРО-ДПМНЕ и да обезбеди пратеници што ќе гласаат за уставните измени. По таквата изјава Груевски го повика Мицкоски јавно да одговори дали е точно дека го кажал тоа во изјавата за германскиот медиум и доколку е тожно, дали може лично тој јавно да каже со кој негов потег, изјава, напис или што било Груевски се обидел да ја подели партијата и да даде доказ дека тој прифатил валкана игра со власта, која треба да ја спроведе со помош на негови приврзаници во партијата.
Мицкоски веднаш одговори дека за многу работи од неговата изјава во интервјуто ќе му каже кога еден ден ке се сретнат во четири очи.
Во сенка на оваа дебата остри зборови и кавги се присутни и во албанскиот блок, каде што до неодамна недопирливот Али Ахмети е цел на жестоки критики не само за злоупотреби на функцијата туку и за криминални активности на високи функционери на ДУИ и членови на неговото потесно семејство.
Деновиве сме сведоци на тоа што до неодамна беше буквално незамисливо, па има навреди, разидувања, кавги и партиски пресметки и во до неодамна најголемата албанска партија ДУИ, каде што деновиве не само „огнените” туку и „мирољубивите” и конструктивните членови на оваа партија ги обвинуваат Ахмети, Груби или Османи, за подземни и заткулисни игри не само во партијата туку и на македонската политичка сцена.
Иако за наши (не)прилики тоа е веке видена работа, сепак убеден сум дека од некои изјави и потези изненадени се дури и тие што таквите партиско-политички кавги воопшто не ги допираат.
Во ситуација кога притисокот на власта, која нема доволен број пратеници да ги усвои уставните измени, и на меѓународната заедница за обезбедување потребното двотретинско мнозинство е огромен за усвојување во парламентот на уставните измени, на македонската политичка сцена сосема е нормално што се случуваат ваквите подземни игри.
Но, сепак, зачудува ниското ниво на комуникација во кавгите, расправиите, навредите, дисквалификациите на луѓето што до неодамна биле, се или размислуваат да бидат на чело на државата. Нашите политичари се однесуваат како соседите на времето кога преку плот или пред порти се расправале до бесвест.
Но ваквите кавги, расправии и клевети воопшто не треба да нѐ изненадуваат ако се знае дека сите изминати 32 години од македонската независност тоа бил вокабуларот на македонските политичари, кои наместо проекти и планови сакаат да се доберат до власта со негирање, обвинувања, криминализирања, деградирања на политичките противници. Како што стојат работите со наближувањето на ноември, до кога треба да бидат усвоени уставните измени, кавгите ќе ескалираат.
Наместо очекуваното обединување и сплотување пред безбројните надворешни закани што се надвиснуваат, сведоци сме на непотребно раситнување и разединување. До кога?