Наместо вчера новото формално мнозинство во Советот на Битола што го сочинуваат СДСМ, „Поинаку“ и Левица да гласаат за усвојување на измената на одлуката за кофинансирање на европскиот проект „Смарт фор ју ту“, и со тоа дадат шанса за искористување на одобрените европски средства за изградба на велосипедските патеки, на вчерашната седница новото мнозинство во Советот, оневозможи реализација на овој проект, не дозволувајќи точката да се стави на дневен ред и со тоа нивна е заслугата за суспендирањето на европскиот проект, на штета на сите граѓани на Битола.
Вака градоначалникот на Битола, Тони Коњановски на денешната прес-конференција ја информираше јавноста за новонастанатите ситуации на вчерашната седница на Советот на Општина Битола.
– Новото мнозинство на СДСМ и „Поинаку“ имаше можност да стои зад реализацијата на два големи проекти за Битола. Кофинансирање на проектот „Смарт фор ју ту“ и искористување на одобрените европски средства за изградба на велосипедските патеки, како и проектот за реконструкција на поранешниот ресторан „Парк“ за кој добивме и поддршка од Министерството за култура во износ од 9.000.000 денари. Денес, нивна е заслугата за суспендирањето на европскиот проект, за кој треба да доставиме извештај до 20 февруари, а согласно писмото од Делегацијата на Европската унија, со недонесувањето на Одлука на Советот и нереализацијата на најголемите трошоци во проектот, наменети за изградба на велосипедски патеки, прекуграничниот углед на проектот е сериозно нарушен-рече на денешната прес-конференција градоначалникот Тони Коњановски.
Според него, освен штетата по Битола и општинскиот буџет, штета ќе претрпат и активностите на останатите партнери во проектот: Општината Пустец, НУ Заводот и музеј, Младинскиот културен центар од Битола и Директоратот за заштита на културното наследство од Корча.
– Општина Битола ќе испрати писмо до Делегацијата на ЕУ, во кое што ќе наведеме дека сме спречени да продолжиме со реализација на проектот и како водечки партнер, ќе информираме дека со ваквата ситуација нема можност за реализација на проектните цели, првично планирани на ниво на партнерство, кај сите вклучени страни, врз кој основ и бил одобрен проектот. На овој начин, не само што губи Битола, невладиниот сектор и националната установа од нашиот град, за жал, во целосна неизвесност, новото мнозинство во Советот ги стави и нашите партнери и соработници од Пустец и Корча-истакна Коњановски и додаде дека оваа ситуација во Битолскиот Совет е една од причините, поради кои Македонија бележи слаба искористеност на европските фондови.
-Дали новото мнозинство размислува каква слика остава на меѓународно ниво? Која ќе биде идната сериозност на Општината Битола за реализација на нови проекти? И најпосле: Кој и каков треба да биде мотивот да се гласа против проектите за кои и самите се залагале-праша Коњановски.
За него, новото мнозинство на СДСМ и „Поинаку“ покажале дека предизборната кампања во Битола започна.
-Ако овој е начинот на кој сакаат да продолжи да функционира државата, тогаш повеќе од јасно е дека, нивната политика е онаа која на деструктивен начин ќе продолжи да ги принудува младите да се иселуваат од Македонија. Сепак, морам да нагласам дека, ветив промени и нови проекти и ова не е пораз за мене, туку поттик, да најдам начин да успееме заедно со битолчани во реализација на приоритетите на градот-нагласи на денешната прес-конференција градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Васка М.Младеновска