Поволните временски услови изминатиот викенд, овозможија непречено спроведување на работни активности на јавните претпријатија на повеќе локации.
Јавното претпријатие „Комуналец“ во соработка со Општина Битола, започна со поставување на рефлектори на фасадите низ Широк Сокак, а фотографите кои ја доловија ноќната атмосфера, ја опишаа со зборовите „Битола како Виена“.
Активностите се насочени кон поставување украсни рефлектори на повеќе фасади по Широк Сокак каде што постојат технички услови за тоа. Ова ќе придонесе за разубавување на најпознатата улица во Битола, а исто така ќе ја потенцира автентичноста на битолската архитектура.
Паралелно, дел од механизацијата и работните групи на јавните претпријатија „Комуналец“, „Водовод“ и „Нискоградба“, на терен спроведоа акција за чистење на диви депонии кај местото Германски гробишта и во близина на Стадионот „Петар Милошевски“.
Екипите на КЈП „Нискоградба“, работат на реконструкција на канализационата мрежа во Горно Оризари, каде што ЈП „Водовод“, работи на водоводна мрежа, а дополнително, ова претпријатие работи и на изведба на водоводна мрежа во должина од 535,6 метри и на потегот Трново – Магарево, со цел инвестиција во подобро водоснабдување во потпелистерието.
Јавното претпријатие „Паркинзи“, продолжува со бележење на сообраќајниците, а деновиве се бележеа улиците во централното градско подрачје.
Со ваква динамика, јавните препријатија продолжуваат да работат и следните денови, со цел подобрување на условите на повеќе локации во општината.