Кандидатот за претседател Билјана Ванковска поддржана од партијата „Левица“ на вечерашниот митинг во Народниот театар во Битола, во нејзиното излагање упати остри критики за досегашниот тек на македонските евроинтеграции.
-Јас не велам дека ние не припаѓаме на Европа, напротив, ние припаѓаме на Европа, но, не припаѓаме на Европската унија. Тоа се две различни работи. Ако нас Европската унија ни стане опсесија, ни стане фетиш, за да мислиме дека без неа нема живот, тогаш е подобро да знаеме каде сме тргнале. Тоа што ни го направија нам со Преспанскиот и Бугарскиот договор е геноцид, само што не е геноцид платен со крв. Не лишија од сето она што не определува и што не идентификува. Сето она што било кој друг народ во светот и во Европската унија го има како право. Нас ем не тепаат ем не ни даваат да плачеме. Ние постојано треба да се докажуваме дали сме европска или антиевропска сила. Јас за себе знам дека сум македонска сила. Јас сум За Македонија-рече вечерва пред битолчани Билјана Ванковска.
Таа притоа додаде дека Македонија како држава систематски се урива триесет години.
–Европа систематски не убива и ни го одземаат правото да си го вратиме она што е наше. Ниту Рим е изграден за еден ден, ниту Македонија ја урнаа за еден ден, туку ја рушеа систематски триесет години. Не лишуваат буквално од се. За се има решение. Јас работите ги кажувам отворено дека за решенијата нема волшебно стапче туку тие треба да се остварат во борба. Тоа е она што треба да не освести нас и тие околу нас. Бидејќи ако седиме вака, тогаш нема ништо. За било кој да гласате за шесте други кандидати, ситуацијата нема да се смени ниту на подобро, ниту на полошо. Тие ќе си направат дил и ќе си се договорат, но, нема да има промени. Тоа што ние го правиме, се радикални промени и со тоа ги вознемируваме. Тоа го чувствувам јас и од мониторите на ОБСЕ кои деновиве ми приоѓаат. Ние зборуваме за „револуција“ ама револуцијата е кога ќе почнете да ја кажувате вистината-рече Ванковска на митингот во Битола притоа најавувајќи нејзина победа на претседателските избори.
-На деветти мај кој за Левица не е Ден на Европа туку Ден на победата над фашизмот, ние ќе ја прославиме нашата победа, но, не триумфалистички, бидејќи веќе од наредниот ден ќе продолжиме да се бориме против неофашизмот кој маршира во Европа-порача вечерва од Битола, Билјана Ванковска, кандидат за претседател на државата поддржана од партијата „Левица“.