Градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски денес учествуваше на завршната конференција организирана од Центарот за граѓански комуникации финансиски подржана од Кралството Холандија.
Настанот се одржа во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје на тема „Заштита од корупција: перспективи и решенија на локално ниво“.
Целта на конференцијата е да се претстават резултатите од спроведените активности во заштита од корупција во општините во период од 2021 – 2024 година и да се иницира дискусија за перспективите и решенијата што треба да доведат кон натамошно динамизирање на борбата против корупција.
Конференцијата ја отвори претседателот на Центарот за граѓански комуникации Герман Филков и амбасадорката на Кралството Холандија во Скопје Н.Е.Узлем Џанел.
Меѓу присутните беа и Сабина Факиќ исто така од Центарот за граѓански комуникации, Татјана Димитровска претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, Биљал Касами градоначалник на Општина Тетово, Душица Перишиќ извршна директорка на ЗЕЛС, Младен Чадиковски претседател на Здружението на новинари на Македонија.
Во своето обраќање градоначалникот Тони Коњановски ја истакна лидерската позиција на Општина Битола во докажаната проактивна транспарентност и отвореност во државата.
-Еден од проектите, кој во изминатиот период имаше значаен придонес за нашето работење е проектот на Центарот за граѓански комуникации, „Заштита од корупција“ во рамките на кој се потрудивме активно да соработуваме и да ги обезбедиме сите потребни информации. Овој проект беше значаен за да може да се детектираат одредени недостатоци, но, и да се применат одредени знаења, искуства и препораки кои ќе го подобрат работењето на локалната самоуправа, секако во согласност со законската регулатива и она што е дел од нашата надлежност. Уште кога ја започнувавме соработката на овој проект, нагласив дека работиме на дигитализација на услугите кои ги овозможува Општината, што е многу важен аспект, содржан и во Националната стратегија за спречување на корупција и судирот на интереси 2021-2025, а со што се врши минимизирање на контактот помеѓу барателот и давателот на услугата-посочи градоначалникот Коњановски.
Тој ја изрази подготвеноста на Општина Битола да овозможи електронско плаќање и подобар увид на граѓаните во даночните обврски, оваа недела, ќе биде поставена новата, многу попрегледна и лесно достапна веб страница на Општината, со пристап и за лицата со попреченост, со која ќе биде објавен и новиот модул за електронско аплицирање за субвенциите кои ги обезбедува Општината, започнува обуката за вработените за користење на системот за управување со документи, сепак задржувајќи ја и можноста и за понатамошно користење на „традиционалниот“ начин на поднесување барања.
Во своето обраќање исто така градоначалникот Тони Коњановски истакна дека, интегритетот, чесноста и правичноста мора да бидат водечки принципи во раководењето и само преку колективен напор може да се елиминира корупцијата од институциите за да се изгради град со кој сите ќе може да се гордееме.