“Погледни и препознај трговија со луѓе преку слика” е насловен проектот кој Здружението за еднакви можности „СЕМПЕР” од Битола отпочна да го реализра од почетокот на оваа година.
Проектот се реализира со владина поддршка, со цел зајакнување на капацитетите на наставниот кадар и учениците за проблемот на трговија со луѓе, имплементација на Националната стратегија и намалување на бројот на жртви во Р.Македонија.
Деновиве во Битола, беше одржана еднодневна обука за ликовните педагози и стручни соработници.
На обуката присуствува претставници од 14 основни училишта од општините Битола, Новаци и Могила, и истата имаше за цел зголемување на знаењата за трговијата со луѓе на ликовните педагози и стручни соработници.
Целната група беше идентификувана со цел да се охрабри наставниот кадар да ја даде својата поддршка за подигнување на јавната свест за присутноста на трговијата со луѓе и на креативен начин да го идентификуваат проблемот со учениците преку цртеж.
-„СЕМПЕР” во изминатите 5 години за време на „Неделата за борба против трговијата со луѓе” успешно организираше ликовни изложби на оваа тема и располага со ликовни творби на учениците, кои во рамките на овој проект ќе бидат селектирани и најдобрите ќе бидат публикувани во иновативен Каталог. Каталогот со ликовни творби ќе биде дисеминиран до сите образовни институции од Пелагонискиот регион, да послужи како едукативен материјал во зголемувањето на свеста кај учениците од основните училишта за проблемот на трговија со луѓе за начинот, формите на трговија со луѓе, препознавањето и превенцијата од трговија со луѓе, се со цел нивна заштита од овој високо организиран криминал во кој најчесто жртви се млади, жени и деца- не информираше д-р Ѕала Бојкоска, претседател на “Семпер“.
Б.В.