Во Битолскиот Народен театар вечерва ќе биде отворено 10-то јубилејно издание на Битолското културно лето „БитФест 2015”.
Првиот настап годинава е на Битолскиот камерен оркестар чии членови ќе понудат филмска музика на која ќе пеат солистите Димитар Андоновски, Ирена Димевска, Наде Талевска, Бојан Стојков, Ламбе Алабаковски, Нико Ѓоргиев и оперската дива Весна Гиновска.
Во периодот од 27 јуни до 27 август ќе бидат организирани и реализирани над 200 настани на разни локации во градот, а во рамките на „БитФест” е и вечерашниот концерт на српската група „Партибрејкерс” кои ќе настапат на Широк Сокак.
На програмата на јубилејниот “Битфест 2015“ ќе има настани за сечиј вкус, од детски програми, до концерти на сериозна, популарна музика, ликовни изложби, опери, театарски претстави итн.
Во “Битфест“ во изминатата деценија откога постои културното лето, се вклучени сите национални културни институции заедно со Општината Битола.
Битолската публика ќе има можност да ги проследи концертите на Калиопи, “Фолтин“, Ван Гог, Владимир Четкар, Ламбе Алабаковски и Димитар Андоновски, Васил Хаџиманов, “Љубојна“ и други.
Свои настапи ќе имаат музичари од Израел, а и годинава публиката ќе има прилика да погледне оперска изведба.
Б.В.