Don't Miss
Home / Македонија / Кисела Вода постои само во спомените на битолчани

Кисела Вода постои само во спомените на битолчани

Во овие топли јулски денови, кога најголемиот број битолчани, кои сѐ уште не се заминати на одмор во некои од познатите туристички места „се капат во пот“.

Жителите во градот под Пелистер, особено младите, со право реагираат дека во Битола, освен во олимпискиот базен „Император“ едноставно нема друго место во кое можат да се разладуваат и разонодуваат.

По затворањето на детското одморалиште „Пелистер“ и зимско-летниот туристички центар „Нижеполе“ и овие две некогаш атрактивни туристички места едноставно не се веќе привлечни за најголемиот број битолчани. Во таква ситуација ним единствено што им преостанува е спасот од високите температури и топлите јулски денови да го бараат на брегот на Преспанско Езеро, кое во последно време стана магнет за најголемиот број битолчани. И додека најголемиот број жители во градот под Пелистер едноставно „се капат во пот“, возрасните битолчани со доста емоции се сеќаваат на годините кога можеа да се разладуваат на познатите битолски места во реката Драгор, „Икиташ“, дебелите сенки на Тумбекафе, олимписките базени под Тумбекафе и Довлеџик, базенот во селото Диово, како и базенот во Кисела Вода.

kisela voda 3

Но наместо да се зголемува бројот на местата каде што битолчани можат да го најдат спасот од горештините, денес состојбата е најблаго речено очајна. Веќе неколку години битолчани во градот единствено можат да се разладуваат само на олимпискиот базен „Император“ под Тумбекафе.

Преостанатите, некогаш култни излетнички и туристички места во градот и околината, едноставно се заборавени, затворени, руинирани и напуштени. За некои се добива впечаток и како воопшто да не постоеле.

Тие единствено сега живеат само во спомените на возрасните, кои сѐ уште паметат, како во блиското минато илјадници битолчани се разладуваа во блиските излетнички места. Иако култното излетничко место Кисела Вода, кое се наоѓа само на неколку километри од Битола луѓето од градот под Пелистер ќе го паметат и по неколкуте трагедии што се случија, по труењето на неколкумина битолчани од гасовите што ги испушташе водата од чешмата, сепак битолчани ја паметат Кисела Вода и како култно излетничко место, кое голем број од нив го посетуваа во секој слободен момент. Повозрасните добро се сеќаваат, особено за викендите и празниците, кога на Кисела Вода едноставно немаше ни сантиметар слободно место да се најде за човек да се одмори.

Покрај тоа што својата жед ја гаснеа од прекрасната пивка кисела вода, која течеше од чешмата и дебелите сенки на Кисела Вода, битолчани се разладуваа и во базенот што постоеше тогаш.

Тие години мошне добро во Кисела Вода работеше и ресторанот на угостителското претпријатие „Македонија“ во кој се подготвуваа најубавите кулинарски специјалитети, а кој секогаш беше претесен да ги прими тие што сакаа да уживаат не само во прекрасната кујна, туку и во извонредниот поглед кон пелагониската рамнина, па и кон Грција.

Голем број млади и возрасни луѓе тогаш, секое претпладне и попладне, со своите велосипеди се упатуваа кон Кисела Вода да ги наполнат шишињата од чешмата, а некои досетливи битолчани, продавајќи кисела вода на натпреварите на Пелистер, подоцна станаа и први приватни „бизнисмени“ во градот.

Денес Кисела Вода изгледа навистина жалосно. Таа е целосно напуштена. Патот што води до чешмата, не само што е руиниран, туку е и толку стеснет од бујната вегетација, што не може ни едно возило да помине.

Објектот на некогашниот ресторан е напуштен и оставен да пропаѓа, а од бујната вегетација некои делови од него не можат ни да се забележат.

Чешмата, од која порано масовно полнеа вода битолчани сега ја посетуваат само ретки поединци, бидејќи и таа е обрасната од жбуновите. Од некогашниот базен, во кој некогаш се разладуваа битолчани нема ни трага. Тој е целиот покриен од бујната вегетација.

Да не е чешмата во црквичето „Св. Ѓоргија“, кое се наоѓа во непосредна близина на Кисела Вода и од која голем број битолчани полнат т.н „сребрена вода “, Кисела Вода целосно ќе биде заборавена.
За Кисела Вода денес не се грижи буквално никој и таа е заборавена не само од луѓето, туку и од градот. За пропаѓањето на ова некогаш култно излетничко место, еден од сопствениците на „Евро кар“, Пеце Пановски, кој пред дваесетина години го купи ресторанот од стечајната маса на УТП „Македонија“ и кој заедно со својот партнер имаше големи планови за Кисела Вода, денес со горчина во душата вели.

– Ние кога за не мали пари ја купивме Кисела Вода, сакавме да направиме атрактивно излетничко место. Знаејќи каков привлечен туристички и излетнички центар беше порано го купивме објектот и веднаш почнавме со негова реконструкција. Планиравме да изградиме модерен мотел со ресторан, летна бавча, голема тераса, а изработивме проект и за целосна реконструкција на околината и реновирање на базенот. Но тогаш некои битолски моќници нѐ спречија во тоа и нѐ стопираа во изведбените работи на објектот, наводно затоа што над ресторанот, кој дотогаш работеше и на никој не му пречеше, врвел каналот од Стрежево, а ние со реконструкцијата ќе сме предизвикале свлечиште.

Иако ние тогаш вложивме над 150.000 марки за изградба на потпорен ѕид, сепак ни тоа не беше доволно и со ставање привремена мерка, која поради долгото чекање за нас стана трајна, ни ја продолжија забраната да градиме. Тогаш ние престанавме со градбата и го продадовме објектот. Оттогаш немам отидено да видам што станува со објектот и со Кисела Вода – вели Пеце Пановски.  Во изминатите години битолчани за Кисела Вода слушаа само кога ќе се случеше некој немил настан и кога ќе починеше некој од труење. Поради труење од гасовите што ги испушташе водата од чешмата неколкумина битолчани го загубија својот живот и покрај апелите на луѓето од Центарот за јавно здравје да се внимава кога се полни вода од чешмата. Денес Кисела Вода е заборавена од сите.

Едноставно таа е оставена да пропаѓа. Таа останува денес да живее само во сеќавањата на возрасните генерации, како што „живеат“ и многу некогаш култни туристички места и објекти, а кои сега се руинирани, затворени и напуштени.

 

 

 

 

Автор: Менде Младеновски

Фото: Сашо Ристевски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*