Во првиот момент одлуката за забрана на емитување на македонска музика, која, на само еден ден пред ултимативниот рок, им беше доставена на радијата и останатите електронски медиуми, делуваше како првоаприлска шега.
Но, дека ЗАМП не се шегува и дека има сериозни намери да ги санкционира сите медиуми кои ќе се осудат да емитуваат македонска музика (народна и забавна) се покажа, кога најпрво по телефонското предупредување, а подоцна и преку и-мејл пораката, веќе наредниот ден, на 20 септемеври, медиумите ја добија и писмената одлука на ЗАМП за прекинување со емитување на македонска музика, зашто, во спротивно, сите кои ќе се оглушат на таквиот ултиматум ќе бидат дури и кривично санкционирани.
Иако, до добивањето на таквата наредба од страна на ЗАМП, радијата и телевизиите имаа законска обврска да емитуваат најмалку по 50 отсто македонска музика, преку ноќ ЗАМП им забрани на медиумите да емитуваат музика од македонски автори испеана на нашиот мајчин македонски јазик.
Најдувајќи се меѓу чеканот и наковалната, медиумите, плашејќи се од законските санкции, преку ноќ мораа да бараат алтернатива, и наместо македонска музика, се одлучија да емитуваат друг вид музика.
Во таква ситуација, голем број од медиумите се определија да емитуваат српска музика, па наместо македонските хитови и песните на Тамара, Тоше, Каролина, Евто Пупиновски, Благица Павловска, Елена, радијата почнаа да пуштаат песни од Аца Лукас, Здравко Чолиќ, Дара Бубамара, Шабан Шаулиќ, Мирослав Илиќ.
Во стилот на песната “Певај брате“, на најголемиот број радија и телевизии неколку дена се емитуваа српски песни и хитови, што кога е во прашање Македонија не е ништо ново, но, по забраната која дојде и од СОКОЈ (Србија), медиумите мораа да ја свртат плочата и да емитуваат друга странска музика.
Колку и да делува иронично, сепак навистина е смешно, што ваквата забрана за емитување на македонска музика, ЗАМП ја даде, наводно, за да ги заштити македонските автори и поради притисокот што ова здружение, во последно време, го има од Министерството за култура, кое ја дало поддршката за формирање на паралелното здружение за заштита на авторските права, кое се вика СОКОМ МАП.
Според ЗАМП, по неодамнешното одземање на лиценцата на Здружението за авторски права на македонските автори ММИ, кое не векуваше многу, но кое никогаш не одговори на тоа за што ги потроши парите што ги собра од медиумите, Министерството за култура застанало неоправдано зад новото здружение СОКОМ МАП, кое, по формирањето, излезе со до 50 отсто поевтина тарифа за авторските права од ЗАМП.
И додека ЗАМП и СОКОМ МАП се надмудруваат меѓу себе кој навистина се бори за правата на авторите, медиумите кои на своите програми емитуваат музика и граѓаните на Република Македонија, ни криви ни должни, станаа жртви на нивната битка.
ЗАМП, претставувајќи се себеси како единствено здружение кое, наводно, се бори за заштита на авторските права на пејачите и музичарите, гледа на секој начин да го елиминира СОКОМ МАП од конкуренција и да продолжи неговиот монопол.
Колку ЗАМП се бори за правата на авторите тоа најдобро го знаат самите автори.
Иако за тоа најголемиот број од нив молчат, сепак, дел од нив не кријат дека од ЗАМП најчесто добиваат симболични средства, кои не се ни за спомнување.
Но, за тоа време пак ЗАМП дали по редовен, или по судски пат со години, буквално, ги дери граѓаните, радијата и телевизиите за емитување на музика.
Тоа што најмногу чуди е што ова здружение, како по правило никогаш не дало отчет каде и како ги троши огромните средства што ги собира, не само од медиумите, туку и од граѓаните.
Тоа што најмногу изненадува во целата оваа рашомонијада е што, иако од забраната за емитување на македонска музика изминаа речиси повеќе од две недели, Министерството за култура се уште молчи и не се изјаснува како ќе се реши овој спор.
Министерството за култура, во сите изминати денови, не се изјасни јавно како ќе се реши овој проблем, кој ги погодува не само авторите на песните, туку и слушателите, и медиумите, а има негативно влијание и врз идентитетот на граѓаните, кои ни криви ни должни поради кавгата на ЗАМП и Министерството за култура во својата земја мораат да слушаат странска и туѓа музика.
Поради сето ова најпогодени се радиодифузерите, кои, според Законот за радиодифузија, се обврзани дневно да емитуваат по 50 отсто македонска музика.
Со ваквата забрана за емитување на македонска музика тие не можат да ги исполнуваат законските обврски и може да се случи да носат консеквенци и да бидат казнети за неисполнување на законските обврски.
Настрана тоа што со ваквите забрани медиумите се доведени во очајна состојба, преку ноќ да ги менуваат своите плеј-листи и да бараат странска музика, за да емитуваат на радијата и телевизиите и што со тоа во никој случај не може да се прави промоција и негување на македонската музика и песна, за што се залагаше Владата со донесување на Законот за емитување на македонска музика.
Но за тоа кому е грижа. Певај брате! Српско и се е наше!
Автор: Менде Младеновски