Don't Miss
Home / Колумни / Кога политичарите судат

Кога политичарите судат

Пред неколку години, кога во Битола престојуваше Ајри Демировски, авторот на песната „Битола, мој роден крај“,само по неколку дена престој во градот, кој толку многу го сакаше, даде еден интересен коментар. „Битола е прекрасна. Таа е како лебедот, кој не треба да се мие зашто е бел, неоцрнлив! Битола е најубавиот град, не само на Балканот туку и пошироко. Но едно ми е криво, кое вие, заслепени од суетите, не можете да го видите и почувствувате, но јас го чувствувам и гледам и со затворени очи. Со кого и да седнам само за политика зборувате. Како да нема други теми во Битола и за Битола. Гледам многу се карате. Тоа ми пречи. Затоа имам една молба и совет, нека биде и аманет. Заборавете на суетите и сакајте се. Сакајте ја Битола, како што ја сакам јас“, зборуваше тогаш Ајри Демировски.

 
Тоа го почувствува и го забележа Ајри и пред својата смрт на битолчани им го даде како аманет. Тоа за градот го кажа човекот што додека живееше во Битола почесто беше гладен отколку сит, најчесто гол и бос, но кој секогаш за своето родно место зборуваше со љубов и вознес.

 

Иако по смртта многумина се повикуваа на аманетот на Ајри и велеа дека, наместо љубомората, зависта, злобата, партиската поделеност, треба да нѐ стопли топлината на Ајри, која излегуваше од неговите зборови, за жал Битола по неговата смрт остана таква каква што е во последно време, раскарана и партиски поделена, во која политичките поданици водат битка до истребување. А во таа битка тие не избираат ни средства ни начини, па дури ни поводи да го изразат својот револт или негативен политички став кон својот политички противник. Ако на таквото однесување битолчани веќе станаа имуни, бидејќи тоа стана градско секојдневие, тоа што загрижува е што некои од битолските политичари, во последно време, во настојувањето да го негираат или оцрнат политичкиот противник си зедоа за право тие да судат и пресудуваат. И тоа што би се рекло партизански, по кратка постапка, без судење. Иако за тоа најмалку имаше потреба, за жал тоа се случи за време на чествувањето на 4 Ноември, роденденот на Битола, кога советниците на опозицијата ја бојкотираа свеченоста по повод врачувањето на највисоките општински признанија.

Причината за бојкотот на свечената седница беше трагикомична, затоа што на седницата требало да бидат присутни градоначалникот на Битола, Владимир Талески, и претседателот на државата, Ѓорге Иванов.
„Она што за нас е спорно е присуството на одредени личности на денешното свечено доделување. Тоа се Владимир Талески, осомничена личност за кривично дело, и Ѓорге Иванов, кој се дрзна во изминатиот период да го помилува. За нас тоа се личности што немаат кредибилитет да бидат дел од ваков свечен настан како овој што е вечерва. Токму затоа, како советници нема да присуствуваме на свеченото доделување“, изјави пред свечената седница советничката на СДСМ, Наташа Петревска, и заедно со своите колеги од опозицијата не влезе во свечената сала и остана пред Народниот театар.

 

Додека за денот на ослободувањето на Битола, во градот под Пелистер допатуваа претставници од Епинал, Франција, и од Белград, советниците на СДСМ одбија да присуствуваат на свечената седница по повод 4 Ноември, иако највисокото признание, наградата за животно дело, ја доби нивната кандидатка, пијанистката Милица Шперовиќ-Рибарски.
Познавајќи го нивниот анимозитет спрема градоначалникот на Битола, Владимир Талески, од кој веќе подолго време бараат оставка, таквиот нивни потег до некаде беше очекуван, но чуден беше поводот што советниците на СДСМ одбија да присуствуваат на свечената седница, затоа што на седницата (ќе) присуствувал и претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој го аболирал градоначалникот Владимир Талески. Претседателот по повод меѓурелигиската конференција два дена престојуваше во Битола, но ниту беше најавен, ниту пак присуствуваше на свечената седница.

Но не само со бојкотирањето на свечената седница на советот туку и во многу други случаи опозицијата покажува дека за нив двојните стандарди не се ништо ново и дека тие, заслепени од својата партиска кусогледост, постојано ги гледаат само туѓите грешки и мани.    Во зависност од тоа за кого се работи, нивни кадар, или кадар на владејачката партија, советниците на опозицијата така се однесуваат.

Кога се во опозиција милуваат да се повикуваат на нивните партиски судови, а кога се на власт и нивните партиски другари ќе дојдат во судир со законот, инсистираат, наместо партиите, да судат и пресудуваат судовите и се повикуваат на пресумцијата на невиност. Тоа, во најмала рака, е лицемерно.

Кога веќе станува збор за градоначалникот Владимир Талески, советниците на СДСМ веќе подолго време, откако Катица Јанева му поднесе кривична пријава за случајот „Транспортер“, се залагаат тој да поднесе оставка, но чудно е што не го признаваат и претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој го повлече законот за аболиција. Иако Катица Јанева сѐ уште го нема подготвено обвинението против Талески и другите осомничени во „Транспортер“, советниците на СДСМ веќе истиот момент по поднесувањето на пријавата му пресудија на Талески.

За разлика од други случаи, во кои се осомничени за криминал некои нивни политички другари, кога тие се залагаат за почитување на правилото за пресумција на невиност, кога станува збор за Талески за нив не е важно што ќе пресуди судот. За нив Талески е виновен и треба да виси на градскиот саат.

Како што велат самите, со луѓе осомничени за криминал и луѓе што ги аболирале нив, советниците на СДСМ не сакаат да бидат во друштво. Тоа е нивно сосема легитимно право. Но останува нејасно зошто тие ги немаат истите аршини и правила на однесување кога станува збор за нивните партиски другари кога се осомничени за криминал или кога нивниот поранешен шеф на партијата Бранко Црвенковски го аболира нивниот актуелен лидер Зоран Заев, кој исто така е осомничен во аферата „Пуч“.
Советниците на СДСМ сега немаат трпеливост да видат како ќе заврши случајот „Транспортер“ и дали градоначалникот Владимир Талески ќе биде осуден, но тогаш кога во Битола беше осомничен нивниот поранешен градоначалник Силјан Мицевски, тие протестираа и се залагаа за почитување на пресумцијата на невиност.

Исти такви политички ставови имаа и кога протестираа и застанаа во одбрана на својот партиски другар Душко Илиевски, млекарот, и кога носеа маици на кои пишуваше „И ние сме Душко“. Дека тогаш тие биле во право се покажа подоцна, кога Силјан Мицевски и Душко Илиевски, кои поминаа извесен период во притвор, во битолскиот затвор, токму од тие наводно „партизирани“ судови беа ослободени од одговорност и прогласени за невини.

Зошто тие сега ја сменија плочата и не се повикуваат на пресумцијата на невиност, туку на врат на нос бараат итно Талески да биде осуден, без судење, е прашање на кое треба тие да си одговорат.

 

Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*