Don't Miss
Home / Колумни / ЧОВЕЧКИОТ ЖИВОТ БЕЗВРЕДЕН

ЧОВЕЧКИОТ ЖИВОТ БЕЗВРЕДЕН

Во мојата долгогодишна новинарска кариера сум се изнаслушал и изнапишувал случки од животот, каде што човечкиот живот буквално не вредел ништо.

Во времето додека пишував за Илустрована политика или САН ја имав таа (не)среќа да пишувам за бројни човечки лични драми, семејни трагедии, монструозни убиства, несреќи, од кои ми се кревала косата на главата. И вообичаено, најголемиот број од тие трагедии, или убиства се случувале најчесто за ништо.
Човечкиот живот, кој толку многу, наводно, го цениме, отсекогаш на овие простори немал цена. Животот на човекот отсекогаш бил најевтиното нешто на овие наши простори.

Да беше сега жив писателот Кочо Рацин, којзнае колку нови песни ќе напишеше за нашиот скотски живот, како што знаеше тој да го нарече.
Но иако се обидувам, никако не можам да се сетам дека кај нас во серија се случиле толку многу убиства за толку многу ниска цена. За само неколку дена кај нас дури четворица граѓани ги загубија своите животи за наводен долг од 500 или 1.000 денари.
Најпрво, неодамна во “државата“ Вевчани, во кафе-барот “Пјаца“ , еден средовечен поштар им пукаше во главата на двајца свои сограѓани, затоа што, наводно, едниот од нив му должел 500 денари.
И додека вевчанци се уште не можеа да излезат од шокот што им го приреди нивниот сограѓанин, не стигна веста дека во Охрид, во кафеаната “Император“ двајца охриѓани беа убиени исто така за ситен долг.

Списокот на убиства за безначаен долг во пари се заокружи со убиството на еден стар човек од селото Пепелиште, кој беше убиен од неговиот соселанец, заради тоа што, наводно, старецот му должел 1.000 денари за помошта што убиецот му ја укажал. По расправијата за долгот, старецот морал уште на гробиштата каде што избувнала расправијата да се збогува со животот.
Со неговото убиство се заокружи списокот на убиените кои беа убиени за, наводни, ситни долгови.
Нивните убиства најдобро зборуваат дека кај нас одамна човечкиот живот е толку безвреден, што буквално нема цена.

Во една прилика еден познат политичар изјавил: Загубата на човечкиот живот е трагедија. Секоја следна жртва е само работа на статистиката.
И навистина кај нас човечките жртви за ништо, буквално, како да станаа само статистика.
Во последно време, кај нас луѓето многу лесно се фаќаат за појасот и го извлекуваат оружјето. Веќе навикнавме постојано да слушаме за бројни убиства, во кои се лишени од живот (не)должни граѓани. Со тоа се потврдува констатацијата која многу одамна ми ја кажа еден постар човек дека кај нас во Македонија убиствата се вршеле за бразда, вода, нива, песна, за ситен долг…

Додека кај нас гинат луѓето за ситни долгови, на илјадници високопозиционирани арамии, кои буквално го олеснија овој народ, се уште ништо не им фали. Напротив, тие кај нас се третираат како способни и добри бизнисмени, политичари, менаџери.
Ним и покрај огромниот грабеж кој му го направија на сопствениот народ и на својата држава ни влакно од косата не им фали. Тие се дури и многу почитувани.За тоа време кај нас гинат луѓе кои се задолжиле 500 или 1000 денари.
Нешто што особено загрижува е тоа што во последно време кај нас се повеќе луѓе се фаќаат за кубурот и убиваат стари и изнемоштени лица ограбувајќи им ги нивните ситни пари, кои едвај им стигнуваат за гола живејачка.

И навистина делува депресивно и иритирачки кога ќе слушнеме или прочитаме дека некој е убиен заради 500 или 1.000 денари. Зарем толку евтин стана нашиот човечки живот? Зарем луѓето до тој степен се споу-лавиле и избегале од умот да можат да убијат за 500 денари? Овие убиства се сериозно предупредување за тоа што ни се случува.
Полицијата која треба и мора да ги заостри своите мерки и да ги врати реонските полицајци во служба, а треба да се вклучат и психолозите и психијатрите и да ни објаснат што се случува со нашите луѓе.
Зарем станавме нација во која животот не вреди ни пет пари. Или, пак, можеби толку многу осиромашивме што луѓето побрзо во неможност да се снајдат за да се прехранат побрзо би убиле некого отколку да работат за да заработат за живеење.
Овие убиства, како и бројните самоубиства се сериозна опомена за сите во државата.
Во спротивно, доколку не се делува навреме се повеќе и почесто ќе бидеме сведоци како пред нас и пред нашите очи се убиваат невини луѓе за ситни пари, убиства со кои се убива сегашноста и иднината на сите нас.
Автор: Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*