Пред точно 59 години, во далечната 1964 година, во предвечерието на празникот на трудот, 1 Мај, излезе првиот број на Битолски весник.
По повеќе неуспешни обиди да се издаде градски весник, група новинари, ентузијасти и вљубеници во пишаниот збор: Доне Пановски, Спиро Мачески, Ристо Невеновски, Голуб Чакулевски, Димитар Димитровски – Такец, предводени од првиот главен и одговорен уредник Владо Ласковски, на 29 април 1964 година го издадоа првиот број на Битолски весник.
Основан како орган на ССРНМ-Битола, првиот број на Битолски весник е формиран по иницијатива на тогашниот секретар на ОК ССРН, Иван Гиновски и првиот главен и одговорен уредник Владо Ласковски.
Оттогаш цели 59 години Битолски весник секоја среда, непрекинато е редовен гостин во најголемиот број битолски семејства и се појавува на киосците во Битола и во рацете на бројните читатели.
Битолски весник е без сомнение не само единствениот локален весник во Македонија, којшто успешно опстојува во медиумскиот простор на печатените медиуми во Македонија, туку е и единствениот весник во државата којшто за период од 59 години немал ниту еден прекин во излегувањето.
За разлика од останатите локални печатени медиуми, со долгогодишна традиција: “Народен глас# од Прилеп, “Наш весник# -Куманово, “Полог# – Тетово, #Вардарски глас# – Велес, “Преспански весник# – Ресен, “Езерски глас# – Охрид, “Штипски весник# -Штип, “Актуелности# – Кочани… кои, не преживеаја на македонскиот медиумски простор и поради недостигот на финансиски средства за нормално излегување одамна згаснаа, Битолски весник е единствениот локален весник во Република Македонија којшто успешно опстојува досега и не ја доживеа нивната судбина.
Тешките пазарни услови на стопанисување, особено во печатениот медиумски простор во изминатите години не го преживеаја и дневните весници “Шпиц#, “Време#, “Македонија денес# “Дневник “, “Вест”, Утрински весник”, “Независен”, неделниците “Млад борец”, “Студентски збор#, “Дело#, “Старт#, “Зум#, “Национал#, “Пулс#, “Екран#, “Остен#, “Скок”, “Република#, “Жена#, #Сега#, “Неделно време#, “Глобус#, #Денес#.
Ако се има предвид дека поради тешките услови за стопанисување, недостигот на финансиски средства и штрајкот на вработените извесен период на киосците не се појавија и изданијата на “Нова Македонија# и “Вечер#, тогаш станува јасно дека Битолски весник е без сомнение не само најстар, туку и единствен весник во државата, откако во Македонија се печатат весници, којшто во сите изминати 59 години континуирано и без никаков прекин редовно излегувал.
Во својата долга и богата над пет децениска историја, Битолски весник, покрај тоа што редовно излегуваше како неделник, беше иницијатор и реализатор на излегувањето и на десетина фабрички весници кои излегуваа во еден период во Битола, како што беа: РЕК #Битола#, #Иднина#, #Транскоп#, #Битолатекс#, ЗИК #Пелагонија#, #Раде Кончар#, #Јавор#, #Графичар#, #Занаетчија#.
Битолски весник, покрај тоа што редово го печатеше Весникот, имаше и богата издавачка куќа и по БИД #Мисирков# и #Развиток# беше најголема издавачка куќа во Битола.
Во својата богата издавачка дејност Битолски весник издал над стотина книги, брошури, монографии на значаен број битолски автори, како што се: Ванчо Николевски, Вера Бужаровска, Јован Боцевски, Владо Додовски, Стојан Тарапуза, Видое Подгорец, Цане Здравковски, Радован Цветковски, Панде Манојлов, Менде Младеновски, Панде Петровски и други бројни автори.
Тоа претставува своевиден подвиг за овој неделник, којшто одамна ги има надминато локалните рамки и претставува значаен печатен медиум не само за Битола, туку и за Македонија.
И покрај тоа што како и останатите печатени медиуми во Македонија и Битолски весник во своето опстојување се среќавал со финансиски тешкотии и повеќе 32 години е оставен на ветрометините на пазарната економија, сам да се грижи за својот опстанок, без никаква буџетска помош, сепак овој весник, во сите овие изминати 59 години ниту еднаш не престанал со редовно излегување и печатење.
Денес Битолски весник е без сомнение еден од најзначајните печатени медиуми во државата којшто одамна ги надминал локалните рамки.
Тој е весник којшто цели 59 години е вистински хроничар не само за настаните од Битола и регионот, туку тој има и непроценливо големо влијание и за информирањето на нашите иселеници во странство, особено во европските и прекуокеанските земји.
Битолски весник со децении наназад е најпосакуваниот весник за нашите иселеници од битолскиот регион во Австралија, Канада, САД. Уште од првиот број Битолски весник ја воспостави својата комуникација со битолските и македонски иселеници од европските и прекуокеанските земји.
Битолски весник е вистински хроничар на Битола и Битолско. Во неговата архива се укоричени сите годишници од 1964 до 2021 година. Тоа е непроценливо богатство за случувањата во Битола и Битолско во изминатите 59 години.
Во Битолски весник во изминатите 59 години свој ангажман имале голем број познати новинарски пера, бројни писатели, поети, рецензенти, критичари, колумнисти, сатиричари, карикатуристи, познати не само на битолскиот медиумски простор, туку и пошироко.
Во сите овие изминати 59 години од излегувањето на првиот број Битолски весник знаел да информира, пофалува, но и да критикува. Но, во секоја прилика настојувал тоа да го прави професионално, објективно и одговорно, почитувајки го Кодексот на новинарите.
Новинарите на Битолски весник уште од првиот број, а и ние денес, настојувавме на тоа да опстоиме ,Весникот да биде весник на граѓаните на Битола. Тие се нашиот најдобар и најголем критичар.
Битолски весник сите овие 59 децении настојувал да биде сечиј, но и да остане ничиј и тој самиот да се грижи за својата уредувачка политика.
Весникот, уште во далечната 1990 година, кога отворено му се спротистави на ОК на ССР-НМ Битола, тој да именува директори и главни уредници на Битолски весник, ја освои својата слобода.
Таа слободоумна мисла, која ја имаа новинарите уште на првата редакција, предводена од главниот уредник Владо Ласовски, не воид нас и денес.
Без разлика тоа им се допаѓало или не, Весникот опстојува на својот аманет и завет, да биде Весник на граѓаните на Битола, на битолчани.
Во овие роденденски денови, кога Битолски весник за два дена ќе одбележи 59 години од излегувањето на првиот број, со цел да остане запаметено од хроничарите ќе кажеме дека во цел овој изминат период сме имале бројни поддржувачи помагатели.
Но сме имале и голем број луѓе и поединци кои ни го посакувале крајот. Во далечното и блиското минато многумина дури и отворено работеле на тоа да не снема.
Но не само што ние сегашната екипа која го воид Весникот не сме им го овозможиле таквото задоволство, туку со својот ентузијазам, работа, професионализам да ги натераме да ја признат вината и да ни се извинат за тоа што ни го правеле.
Добар дел од тие (не)” одговорни политичари” функционери, бизнисмени, или стопанственици криејќи се под превезот на наводната нивна штедливост, отворено без да ја кријат својата омраза ни ги скусуваа средствата.
Ние сите тие удари ги издржавме стоички, но најголемиот број од нив ги нема никаде. Буквално ги снема. Исчезнаа од јавноста. На нив не се сеќаваат ни најблиските.
Ние за нивна жал, а наша среќа останавме и опстанавме.
Нашето мото е секогаш Простум и Одиме натаму.
Тоа што не можеме да го најдеме во Битола го бараме во други градови, кај други луѓе, на кои Битола им е света и во другите градови. Фрустрирачко е чувството за судбината на Битолски весник повеќе да се грижат луѓето од Свети Николе, Велес, Скопје, отколку од Битола, или градоначалникот на општина Карпош, да биде позагрижен за нашето опстојување отколку градоначалничката на Битола.
Ние ниту сме барале, ниту пак сме инсистирале нам некој друг да ни ги решава нашите проблеми и да се грижи за нашата судбина.
Тие кои во животот ништо не направиле и ако не влегле во политиката не можеле да водат ни обични гранапчиња си земаа слобода да не учат нас на пазарно и комерцијално работење, кои на тој принцип со децении опстојуваме.
Притоа забораваа(т) дека Битолски весник од 1990 година, кога се распадна социјализмот работи пазарно и на самофинансирање.
Во изминатите децении сме научиле самите да се грижиме и бориме за нашиот опстанок.
А на тие кои ни го посакуваат крајот им порачуваме. Залудни ви се таквите обиди.
Тој филм никогаш нема да го видите.
Битолски весник патот кон својот опстанок со погледот кон иднината одамна го најде.
Денес Битолски весник покрај печатеното издание има и дигитален весник, кој може да се чита во цел свет, има свој портал, свое Радио Б-97 и интернет телевизија.
И што е најважно има и желба и љубов да остане и опстане на медиумскиот простор во Битола, Македонија и светот уште многу години.
Битолски весник е во сигурни раце со сосема извесна судбина.
Весникот за да преживее не живее од избори до избори, како што тоа го прават некои инстант политичари.
Битолски весник, кој ја пишува историјата на Битола и самиот е историја.
Затоа во редакцијата постојано навраќаат битолчани кои ја користат огромната архива на Весникот и ни ги бараат објавените текстови кога биле млади, како што тоа деновиве го направи една наша иселеничка од Австралија, која пред 8 март не посети замолувајќи не да му ја најдеме песничката која како ученичка во ОУ “ Коле Канински “ ја напишала за нејзината мајка.
Тоа задоволство со пари не се плаќа.
Треба да се доживее.
Е за таквите доживувања вреди да се бориш и жртвуваш.