Утре, на 29 април, Битолски весник најстариот локален печатен медиум во државата го прославува својот 59 роденеден.
Пред точно 59 години, на 29 април 1964 година,во предвечерието на празникот на трудот, 1 Мај, излезе првиот број на Битолски весник.
По повеќе неуспешни обиди да се издаде градски весник, група новинари, ентузијасти и вљубеници во пишаниот збор: Доне Пановски, Спиро Мачески, Ристо Невеновски, Голуб Чакулевски, Димитар Димитровски – Такец на иницијатива на тогашниот секретар на ОК ССРНМ Битола, предводени од првиот главен и одговорен уредник Владо Ласковски, го издадоа првиот број на Битолски весник.
Оттогаш цели 59 години Битолски весник секоја среда, непрекинато е редовен гостин во најголемиот број битолски семејства и се појавува на киосците во Битола и во рацете на бројните читатели.
Битолски весник е без сомнение не само единствениот локален весник во Македонија, којшто 59 години успешно опстојува во медиумскиот простор на печатените медиуми во Македонија, туку е и единствениот весник во државата којшто за период од 59 години немал ниту еден прекин во излегувањето.
За разлика од останатите локални печатени медиуми, со долгогодишна традиција: “Народен глас“ од Прилеп, “Наш весник“ -Куманово, “Полог“ – Тетово, “Вардарски глас“ – Велес, “Преспански весник“ – Ресен, “Езерски глас“ – Охрид, “Штипски весник“ -Штип, “Актуелности“ – Кочани… кои, не преживеаја на македонскиот медиумски простор и поради недостигот на финансиски средства за нормално излегување одамна згаснаа, Битолски весник е единствениот локален весник во Република Македонија којшто успешно опстојува досега и не ја доживеа нивната судбина.
Во својата долга и богата историја, Битолски весник, покрај тоа што редовно излегува како неделник, беше иницијатор и реализатор на излегувањето и на десетина фабрички весници кои во тоа време излегуваа во еден период во Битола, како што беа: РЕК “Битола“, “Иднина“, “Транскоп“, “Битолатекс“, ЗИК “Пелагонија“, “Раде Кончар“, Јавор“, “Графичар“, “Занаетчија“.
Битолски весник, покрај тоа што редовно го печатеше Весникот, имаше и богата издавачка куќа и беше најголема издавачка куќа во Битола.
Во својата богата издавачка дејност Битолски весник издал над стотина книги, брошури, монографии на значаен број битолски и македонски автори, како што се: Ванчо Николевски, Вера Бужаровска, Јован Боцевски, Владо Додовски, Стојан Тарапуза, Видое Подгорец, Цане Здравковски, Радован Цветковски, Панде Манојлов, Менде Младеновски, Панде Петровски и други бројни автори.
Тоа претставува своевиден подвиг за овој неделник, којшто одамна ги има надминато локалните рамки и претставува значаен печатен медиум не само за Битола, туку и за Македонија.
Во својата долга и богата историја Биолски весник бил организатор и реализатор на бројни културно- уметнички и забавни манифестации, хуманитарни акции.
Од сите тие Манифестацијата “ Избираме најуспешни битолчани “ која битолчанија нарекуваат “ Битолски оскари“, која се организра цели 22 години е една од најпрестижните не само во Битола, туку и во Регионот.
Оваа Манифестација опстои и во времето на пандемијата од коринавирусот.
Во изминатите 22 години Битолски весник има наградено над 900 битолчани, а секоја година традиционално ја доделува наградата за новинарство “ Тоде Петревски“
И покрај тоа што како и останатите печатени медиуми во Македонија и Битолски весник во своето опстојување се среќавал со финансиски тешкотии и повеќе 32 години е оставен на ветрометините на пазарната економија, сам да се грижи за својот опстанок, без никаква буџетска помош, сепак овој весник, во сите овие изминати 59 години ниту еднаш не престанал со редовно излегување и печатење.
Денес Битолски весник е без сомнение еден од најзначајните печатени медиуми во државата којшто одамна ги надминал локалните рамки.
Тој е весник којшто цели 59 години е вистински хроничар на Битола и регионот.
За Битолски весник многумина велат дека е Светилник на битолското новинарство, Битолски Пиреј, Колективна меморија на Битола,а има и такви кои велат дека Весникот е заштитен сведок на Битола.
Весникот, уште во далечната 1990 година, кога отворено му се спротистави на ОК на ССР-НМ Битола, тој да именува директори и главни уредници на Битолски весник, ја освои својата слобода.
Таа слободоумна мисла, која ја имаа новинарите уште на првата редакција, предводена од главниот уредник Владо Ласковски, непрекинато ја води и сегашната редакција на новинари.
Денес Битолски весник покрај печатеното издание има и дигитален весник, кој може да се чита во цел свет, има свој портал, Радио Б-97 и интернет телевизија.
Б.В.