Don't Miss
Home / Вести / Битолскиот регион да се претвори во регион во кој ќе се произведува и складира чиста енергија

Битолскиот регион да се претвори во регион во кој ќе се произведува и складира чиста енергија

По мотото„Можат ли политиките на ЕУ да ја поттикнат декарбонизацијата во Западен Балкан?“, во Брисел во Европскиот парламент   се одржа панел дискусија  , на која како претставник на општина Битола, присуствуваше секретарот на општината, Борче Димитровски.

На панелот, кој е дел од проектот „LIFE – ETX“, коорганизиран од „The Green Tank“ и „CEE Bankwatch Network“, се дискутираше за влијанијата што ЕУ-ЕТС (Европскиот систем за тргување со емисии) и новиот механизам за гранично прилагодување на јаглеродните емисии (CBAM) ќе ги имаат на земјите од Западен Балкан, со главен фокус на електроенергетскиот сектор и опциите за нивно ублажување.

На панел дискусијата која имаше за цел здружување на еколошки невладини организации, градоначалници и претставници на носителите на одлуки од Западен Балкан со носителите на политики и одлуки на ЕУ, се разгледуваа и предизвиците и можностите, поврзани со имплементација на политиките за цени на јаглеродот на ЕУ.

Инаку за време на работната посета во Брисел, секретарот на општина Битола, Борче Димитровски, оствари средби во Генералниот Директорат за енергија како и во Генереалниот Директорат за соседство и преговори за проширување при Европската Комисија во Брисел, каде ја нагласи важноста на праведната транзиција за Македонија, а посебно за Битола, како од економски, енергетски, така и од аспект на заштита на животната средина и обезбедување соодветна заштита на населението од општината:

       -Ние сме свесни дека транзицијата е еден од најголемите предизвици на човештвото денес, при што таа може да успее само ако се спроведе на фер и инклузивен начин без да остави никого зад себе, а тоа може да се случи исклучиво само ако се примени принципот од долу на горе т.е. процесот да се води од најзасегнатите општини. Не е во ред процесот на транзиција да се сведе на голем број реализирани проекти во државата, а во Битолскиот регион процесот да биде сведен само на термоцентралата РЕК Битола, без можност за спроведување на одржливи решенија, кои би ги надминале моменталните проблеми од повеќе аспекти. Напротив, тоа треба да биде добро координиран паралелен процес со соодветна реална динамика, процес кој треба да започне со имплементација на нови современи техничко технолошки решенија и голем број имплементирани проекти преку кои ќе се креираат нови работни места во Битолскиот регион и регионот постепено ќе се претвори во регион во кој ќе се произведува и складира чиста енергија и ќе се трансформира во современ културен, туристички и инфраструктурно развиен едукативен центар. Како општина единствено веруваме и се надеваме на меѓународна помош како гарант за тоа дека процесот на транзиција ќе биди фер и праведен за нашиот регион. Битолскиот регион има потенцијал да го води процесот на транзиција базиран на научна основа со квалитетно изготвена припрема и динамика согласно реалните услови и потреби и која ќе биде праведна и фер и никого нема да изостави назад, потенцираше секретарот на општина Битола, Борче Димитровски, за време на работните состаноци во Брисел, кој притоа се заложи, процесот на транзиција во Македонија да се води од Национален Центар за Транзиција со седиште во Битола.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*