Don't Miss
Home / Колумни / Благонадежни Бугари и инстант Македонци

Благонадежни Бугари и инстант Македонци

               

        Во последно време сите сме сведоци како на релацијата Бугарија- Македонија се разменуваат остри зборови за односите меѓу двете држави.

        Кога се чинеше дека со решавањето на спорот со Грција околу промената на името и  потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, на Македонија ширум ќе и се отворат вратите за Брисел и дека државата конечно, по повеќе од 1,5 деценија ќе ги почне претпристапните преговори за влез во ЕУ, Македонија се соочи со  вето од Бугарија по што Брисел повторно ја крена рампата за нашите интегративни процеси.

         Откако Грција  по смената на уставното име се смилува да не ја условува повеќе државата на патот за Брисел, сега како пречка се испречи Бугарија, која почетокот на преговорите го условува со свои услови.

         Нарекувајќи ја Македонија Коминтерновска творба на Титова Југославија, првите луѓе на Бугарија велат дека доколку Македонија сака да  ги почне преговорите за влез во ЕУ, мора да се откаже од својата југонасталгичарска политика  и да признае дека како   држава  постоиме од 1945 година, благодарение на добрата волја на “диктаторот” Јосип Броз Тито.

        “Демократска Бугарија “  ни (пре)порачува целокупната  наша историја пред тоа не само да се препрочита, туку во најмала  рака да и се припиши на “мајка “ Бугарија, која ја имала Македонија во својата прегратка, “грижејќи” се за  развојот и одгледувањето на нејзините “синови”, кои според Каракачанов и Захариева  биле Бугари.

         За “ мајка “ Бугарија сега сите македонски дејци и револуционери биле и остануваат да бидат Бугари, кои биле “доени”  со мајчинско бугарско млеко.

        Повикувајќи се на разно разни документи и докази Бугарија на голема врата се обидува да ги присвои сите македонски дејци и да ја присвои македонската историја, која според бугарските историчари е Бугарска.

        Во таква ситуација тешко им е не само на македонските преговарачи,  вклучени во препрочитувањето на историјата на двете држави, туку и на политичарите да ја разубедат Бугарија дека на таков начин, со присвојувањето на историјата на една држава и ултиматуми  тешко ќе се надмине спорот, кој како што стојат работите ќе биде далеку покомплициран од спорот со Грција.

        Апсурдноста да биде поголема сето тоа Брисел го гледа некако незаинтересирано, без намера да се вклучи во (не)решавањето на спорот.

        Додека на Македонија, на патот за ЕУ постојано и се поставуваат секакви услови од кои некои се навистина ирационани, на земјите членки на ЕУ, на  кои очигледно им сметаат европските перспективи на Македонија се гледа благонаклоно, без  отворено да им се каже дека нивните ултиматуми едноставно не пијат вода и дека на тој начин тие земји го  злоупотребуваат членството во ЕУ.

        Македонија е една и единствена земја во Европа која беше исправена пред условот своето членство во ЕУ да ги почне со смена  на уставното име.

        И кога со тешко срце и голема горчина го  голтна тој  залак и го смени уставното име, многу брзо стигна уште понерационален услов од Бугарија  за препрочитување на македонската историја и откажување од македонските  дејци и револуционери.

        Но Бугарија има право да поставува услови какви што смета дека треба да поставува, но нешто што посебно е загрижувачко е како ние како народ се однесуваме кон своите национални  чувсвта и интереси.

        Во моментот кога Бугарија на секаков начин се обидува да ја понижи Македонија и со поставување на непромостливи услови да го спречи  почетокот на преговорите за ЕУ, а македонските власти да го зачуваат својот идентитет и суверенитет,  некои наши сограѓани со многу леснотија се пишуваат како Бугари и на нотар изјавуваат дека имаат бугарски чувства и бугарски корени.

        Деновиве сме сведоци како стотици граѓани на Македонија од голем број градови: Битола, Прилеп, Штип, Велес, Кавадарци, Охрид… во редици стојат пред Бугарскиот конзулат и поднесуваат барања за бугарски пасоши.        Сите тие за таквите постапки имаат само едно објаснување дека тука не гледаат перспектива и затоа бараат бугарски пасоши, за  како Бугари да  заминат во Европа по гола егзистенција.

        Притоа самите велат дека се свесни дека со таквиот чин вршат “предавство” на државата, но не кријат дека и тие се чувствуваат  изиграни и предадени од државата.

        Во изминатиот период такви “инстант “ Македонци и благнадежни Бугари имавме илјадници.

         Спрема Бугарската статистика во изминатите години  околу 100.000 Македонци добиле Бугарски државјанства и бугарски пасоши.

        Знаејќи ги условите за тоа како се станува Бугарски државјанин  и како се добива бугарски пасош, сите тие на нотар се изјансиле дека  имаат бугарски чувства и бугарски корења.

         Најголемиот број од нив тоа го направиле како бугарски граѓани да заминат на печалба во Европа, други за купување автомобил, некои за студирање, трети за отворање бизнис…а имаше и такви кои бугарски пасоши земаа(т) да не одат в затвор.

        Иако за најголемиот број од нив не сум сигурен сепак уверен сум дека од такви инстант Македонци нема многу интерес  да има ни Бугарија, а ни зијан Македонија, како што нема многу да се офајди Бугарија од стотиците илјади благонадежни Бугари.

        Но тоа што ме загрижува е што сите досегашни власти во државата од “благонадежниот “премиер Љубчо Геригиевски, патриотот Бранко Црвенковски, па Хари Костов, Владо Бучковски, Никола Груевски или Зоран Заев не им го поставиле  на Бугарските власти  прашањето таквиот начин на условување на македонските граѓани за добивање на бугарски пасоши.

        Со  начинот на кој Бугарија им издава бугарски држвјанства и им најдува бугарски корења на македонските граѓани практично на мала врата се врши класична бугаризација на македонските граѓани.

        За тоа не треба никој да се прави на удрен дека не се случува , ниту пак да  молчи, зашто еден ден таквите инстант политики скапо ќе не чинат нас како држава, која сеуште се бори  го сочува својот идентитет.

        Во спротивно залудно гинеле сите наши  дејци и револуционери и  тие ги вградиле своите животи во темелите на македонска  држава Македонија.

        Ако нашето разнебитување како народ и држава е услов за  влез во ЕУ, тогаш  знам чуму ни е Европа.

        Со тоа убеден сум дека не би се сложиле ни нашите илјадници инстант Македонци и благонадежни Бугари.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*